Термонуклеарна бомба: целото писмо од Иванов до Трамп

Драги Трампе,

Веројатно сте чуле за мене, јас сум Хорхе од Македонија. Хорхе ми е уметничко име, инаку се викам Ѓорге, како Џорџ, само на македонски. Не знам како можеле да ме крстат исто со Џорџ Сорос, но името не го менувам, освен на референдум, тоа ми е принципиелен став, ве молам разберете дека тоа не е насочено против вас…

Исто така, ве уверувам дека тоа што ме викаат Хорхе нема врска со мојата етничка припадност: под полна морална и кривична одговорност тврдам дека не сум Мексиканец и немам ништо со Латинска Америка. По потекло сум антички Македонец, православен антички Македонец, од племето на паљурските Хунзи. Чисто сакам да го нафрлам овој факт: ние Хунзите никогаш не сме се обиделе нелегално да влеземе во САД. Никогаш!

За да нема недоразбирања и да ја ослободам нашата комуникација од непотребна непријатност поради еден настан од минатото, за да не биде протолкуван од ваша страна на погрешен начин, сакам најпрво да објаснам и да расчистам како се случи тој настан што може да стои како пречка меѓу нас двајцата, знаете, она кога му намигнав на вашиот претходник Барак Обама.

Бевме на молитвениот појадок. Седеше на соседната маса и постојано гледаше во мене и во еден момент јас трепнав, што потоа беше перципирано од страна на САД како намигнување. Јас за тој Обама немам ич високо мислење. Ако не ми верувате, прашајте дали за осум години мандат некогаш сум му стапнал во Белата куќа. Намигнувањето случајно ми се испушти и потоа немав како да го вратам назад. Намигнување не е аболиција, не може да се повлече.

Пријателе Трампе,

Знам дека Македонија е мала земја и оти можеби не сме ви приоритет број еден во моментов, но ве замолувам да потрошите барем година-две од вашиот мандат за решавање на нашите внатрешни проблеми. Не сакам да ви се заканувам, но во спротивно може да станеме извор на нестабилност за регионот, Европа, па и за целиот свет. Нема јака Америка, со слаба Македонија, тоа го знаете и вие.

Ве молам не барајте нѐ веднаш на картата, навистина во денешниве карти не сме големи како некогаш. Не знам како да ви ја опишам нашата географска големина. Ние сме дел од Европа, а Европа како континент е помала од Казахстан, што значи дека Македонија е помала од Казахстан. Но, имаме големо срце и богата историја, а имаме и голема, голема криза. Преголема, со оглед на денешната големина на земјата, би додал.

Иако броиме жители колку Менхетен во ваш Њујорк (сум бил неколкупати – прекрасен град со преубави кули, особено вашите), сепак постојано се соочуваме со бројни предизвици. Во моментов имаме проблем да составиме влада.

Не знам колку сте во тек, имавме избори во декември, веројатно не сте ги следеле со големо внимание, зашто баш тогаш вие биравте мебел со Меланија за во Белата куќа.

Мојата партија, ВМРО-ДПМНЕ, од која морав чисто формално да се департизирам, но која остана врежана во моето срце, однесе убедлива победа на изборите, која, за жал, беше изразена само со 15.000 гласа разлика и два пратеника предност пред опозицијата. Во секој случај, недоволно за да има мнозинство во парламентот. Сепак, си реков, како Господ никој не е, па јас им го дадов мандатот, со надеж дека, со Господ напред, шефот Груевски ќе направи мнозинство. Но, и Господ и ВМРО-ДПМНЕ ги изневерија моите очекувања и влада не беше направена.

Целата колумна на Сашо Какаланов за Призма на следниот линк.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e