Скандалот со фалсификатите во Академијата за судии бил откриен по анонимна телефонска дојава. Директорката на Академијата еден месец молчеше за случајот и се криеше од новинарската екипа на Телма. Откако Телма ја објави приказната дека над 30 кандидати за обвинители се фатени со фалсификувани документи од Академијата тврдат-Арнаудовска не се крие туку ја штити институцијата со која раководи.
„По приемот на пријавитe, а по истекот на рокот во Академијата беше примена анонимна пријава со наводи за сомнежи и сознанија дека на огласот се пријавиле лица кои имаат приложено фалсификати на сертификатите за положен англиски јазик. Веднаш беше доставена до Основното јавно обвинителство, на чие барање, се доставени и сите приложени сертификати без исклучок“, велат од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“.
Ниту претседателот на Советот на јавни обвинители нема одговор зошто долго се молчело.
„И јас доцна разбрав дека се водат такви преткривични постапки“, вели Петар Аневски.
Досега молчеше и Основното јавно обвинителство, но сега оттаму потврдуваат дека е побарана и меѓународна помош за проверка на документите.
„ОЈО Скопје презема дејствија во предистражна постапка поради постоење на сомнение дека дел од лицата кои конкурирале на огласот употребиле сертификати за познавање на странски јазици кои се фалсификувани. Обвинителството побара и меѓународна правна помош. Во постапката се преземаат и други дејствија кои во детали, во овој момент не сме во можност да ги споделиме “, велат од Основното јавно обвинителство Скопје.
Од оваа институција не одговорија на прашањето дали голем дел од кандидатите опфатени со предистражната постапка и денеска работат како стручни соработници токму во Обвинителството.