Од страна на специјалната обвинителка Фатиме Фетаи, денеска беа презентирани четири нови случаи кои ги води СЈО.
Во случајот “Табла” се сомничи директорот на основното училиште „Реџо Ружит Зајази“ од село Зајас дека во 2006 година извршил злоупотреба на службена положба и овластување, односно без постапка за јавна набавка на фирма од Кичево и овозможил противправна имотна корист од 200.000 евра.
Во вториот предмет „Триста“ е осомничен помошник министер на МВР, а се однесува на злоупотреба на службена положба и овластување во врска со јавна набавка за триста возила од која што е оштетен буџетот на Р.Македонија за 453.570 евра. При конечното одлучување не е земен предвид принципот за најповолен понудувач.
Третиот и четвртиот предмет „Тотал“ и “Тифани” се однесуваат за даночно затајување.
Во “Тотал” е осомничено физичко лице – сопственик и управител на маркетинг агенциите „Тотал“ ДООЕЛ Скопје, „Медиа макс“ и „Тотал медиа центар“ ДООЕЛ Скопје.
Осомничениот за периодот 2008-2015 давал лажни податоци за утврдување на фактите за оданочување, со намера тој и правните лица да одбегнат делумно плаќање даноци.
Сопственик одбегнал да плати даночни обврски од 63.032 евра а фирмите одбегнале да платат даночни обврски од 121.414 евра.
Или заедно затаиле данок од околу 185 000 евра.
Наводно за потребните на правните лица, осоменичениот купувал рачен часовник во износ 2.341 евра, два душека „меџик тач“ во вредност од 3.080 евра, мебел вреден 65.000 евра, персиски теписи и високо квалитетни кујнски садови. – потенцираше Фетаи.
Во предметот „Тифани“ осомничено е физичко лице – сопственик и управител на „Смарт центар ДООЕЛ експорт импорт Скопје“ и агенцијата „Смарт“.
Осомничената во периодот од 2008 -2014 давала лажни податоци за фактите кои се однесуваат за пресметување данок, со намера таа и правните лица да одбегнат плаќање даноци.
Осомничената одбегнала да плати даночни обврски во износ од 16.924 евра, а нејзините фирми одбегнале да платат даночни обврски во износ од 37.634 евра.
Или заедно затаиле данок од околу 55 000 евра.
Таа за потребните наводно за правните лица, купила луксузен мебел, сигурносни врати, велосипеди, но и долна облека од 500 евра, облека, здолништа, чевли во износ од 33.508 евра, очила, шминки за 1.009 евра и сл.