Денес, СЗО во Северна Македонија му додели опрема за информатичка технологија на Министерството за здравство како поддршка за дигитализација на процесот на имунизација и подобрување на техничката инфраструктура на сите вакцинални пунктови во државата како дел од тековните напори за борба против пандемијата на Ковид-19. Набавката на опремата беше финансиски помогната од Германија.
„Опремата што ја добивме денес ќе биде од голема важност за забрзување на безбедното и делотворно одвивање на вакцинирањето со сите вакцини вклучувајќи ги и вакцините против Ковид-19, како и за подобрување на пристапот до податоци што спасуваат животи. Имунизацијата против Ковид-19 и натаму останува критично важна за намалување на случаите на тешка форма на болест и смрт вклучувајќи и против доминантниот делта-сој на вирусот“, изјави д-р Венко Филипче, министер за здравство.
Д-р Жихан Тавила, претставничка на СЗО во Северна Македонија, истакна дека „давањето поддршка на Министерството за здравство за изградба на отпорен здравствен систем е еден од приоритетите на СЗО во Северна Македонија“. „Испораката на критично важна техничка опрема ќе го зголеми капацитетот на здравствениот систем за рутинско собирање здравствени податоци во реално време и за искористување на овие информации за ефективен одговор во континуираната битка против оваа пандемија и секоја друга болест што може да се спречи со вакцина. Тоа можеме да го постигнеме единствено со нашите партнери и затоа во оваа пригода сакам да ѝ се заблагодарам на Германија за нејзините флексибилни придонеси за СЗО, особено во европскиот регион на СЗО“, додаде д-р Тавила.
Нејзината екселенција Анке Холштајн, амбасадорката на Германија во Северна Македонија, изјави: „Многу сум среќна што Германија го обезбеди овој финансиски придонес за СЗО за дигитално подобрување на македонскиот здравствен систем. Оваа опрема ќе значи поголема здравствена сигурност и ќе биде од корист за сите граѓани. Можеме со сигурност да кажеме дека правичната и брза дистрибуција на вакцините ќе помогне во борбата не само против пандемијата на Ковид-19“.
СЗО во Северна Македонија континуирано ги поддржува националните здравствени власти во преземањето мерки за здравствена сигурност, особено за време на актуелната криза предизвикана од Ковид-19. Поддршката од СЗО е од исклучителна важност за: создавање мрежа за собирање информации и одговор на вонредни состојби од страна на системот за јавно здравје, во што влегуваат и лабораториите; изготвување и спроведување национален план за вакцинација против Ковид-19; создавање податоци засновани на докази за зајакнување на интервенциите; снабдување со опрема за управување со вакцини и одржување на ладниот синџир, како и континуирана обука за здравствени работници и вакцинатори; придонес кон вкупните рутински напори во делот на имунизацијата на национално ниво.