На прашањето „Како сте задоволни од она што беше ветено како капитални инвестиции во рамките на Министерството, до она што до овој момент е остварено?“ во интервју за Фронтлајн.мк. Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вели дека е многу задоволен што Министерството за финансии изваде алатка за да се види точно колку кое министерство, државен орган, дирекција или агенција, реализира.
-Бројките се неумоливи, 86% има реализација во делот на капиталните инвестиции. Ако ги гледаме по ставки ќе видиме дека стапката за социјални станови е реализирана 100 проценти. Ставката за гасификација е 94 проценти. Ако ја гледаме нејзината техничка реализација таа е и некаде 125, 130% меѓутоа дел од авансираните средства се користат и е без последната дванаесетта ситуација тоа е за месец декември која што сега треба да дојде. Така што, сум исклучително задоволен. Исто во делот на железници, посебно во третиот и четвртиот квартал каде што имаме зголемена динамика на работа на пругата Куманово-Бељаковце и делот на она што значи одредено санирање и модернизирање на пруги.
Сакам да ги спомнам и големиот број на проекти на водоводите и канализациите и сметам дека во изминативе година и пол, не знам дали некогаш воопшто се случило, имаме извонреден број на проекти коишто ги реализираме заедно со општините… Сакам да најавам дека со Премиерот сме деновиве во Визбегово, во четврток отпочнува работа на патот Крива Паланка до Деве Баир, интензивно се работи на канализацијата во Арачиново и таму планирам да направам увид. Голем дел на проекти кои што ги има низ сите општини опфатено Министерството, ние ги продолжуваме. Планот за јавни набавки е направен и согласно со тој план без разлика што во април ќе има избори јас очекувам дека динамиката нема да застане, туку напротив ќе си тера соодветно како што и е планирано, појаснува Сугарески.