Судијката се закани дека ќе ја отстрани Фатиме Фетаи од судењето на Груевски

Нервозна и на висок тон, судијката Татјана Михајлова, која денеска го отвори судењето против обвинетиот Никола Груевски и уште 13-мина други за насилствата во општина Центар и нарачаните шамари за Андреј Жерновски, три пати ја опомена специјалната јавна обвинителка Фатиме Фетаи и ѝ се закани дека ќе ја казни. Михајлова ѝ го одзеде зборот на Фетаи и најави дека ако продолжи да ја прекинува и да ја коригира, ќе биде отстранета од судницата.

„Јас сум тука да си ги бранам своите права кои ми следуваат според Законот за кривична постапка и нема да отстапам, а вие слободно казнувајте го тој што заслужил, чесен суде“ кажа Фетаи.

Судијката Михајлова првин ја искара специјалната обвинитела зашто ја искоригира кога обвинетите ги нарече осомничени. Фетаи ѝ рече дека се работи за обвинети, а не осомничени, на што Михајлова ѝ одговори: „ Ти мене ќе ме коригираш“.

Судијката, пред присутните обвинети, Никола Груевски, Миле Јанакиески и Даниела Рангелова, постојано ѝ се обраќаше на Фетаи со висок тон.

„Јас нема да ви дозволам предметот да го претворите во циркус, нема. Ова е судница број еден и јас сум судија. Нема да ви дозволам да правите театар“, рече Михајлова.

Фетаи само ја погледна и не ѝ одговори.

Специјалната обвинителка имаше забелешка до Судот зошто СЈО добило покана за главна расправа, а судијата место главна расправа почна подготвителна расправа. Притоа, Фетаи рече дека од таа причина не ги носи доказите денеска со себе, сметајќи дека како за главна расправа, редот на нештата е сослушување на обвинетите и на сведоците, а потоа следува изведување на доказна постaпка и затоа ги оставила доказите во просториите на СЈО.

„Вие доказите секогаш треба да си ги носите со вас. Ова не е таков случај за кој треба докази да се носат со камиони. Јас сум овде само англиска кралица, а вие правете што сакате. Ќе казнувам и ќе отстранувам, не ме принудувајте“, ѝ одговори судијката Михајлова.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e