Питбули, ротвајлери и разни други сорти на кучиња. Сето тоа во дворот на основното училиште Јосип Броз Тито во Струга. Од ова место секојдневно поминуваат учениците , родителите и наставниците, а во дворот на училиштето се одржуваат и часовите по физичко.
„Јавено е ова до сите служби од општина, па нагоре. Проблемот се провлекува, а решение сè уште не се изнаоѓа. Се рефлектира на наставата бидејќи има кучиња скитници кои доаѓаат по нив тука. Знам дека преку советот на родители, а и училишниот одбор имаше донесено одлука, но некаде низ институциите на системот тоа е закочено.“ – изјавува Тони Савевски, директор на Јосип Броз Тито.
Учениците со кои зборувавме велат дека во дворот постојано се шири и непријатна миризба.
„Малку ми е страв бидејќи пред неколку дена бев на игралиште, едни кучиња дојдоа и едно од ваму ни се пушти нè бркаше и моравме во еден двор да се скриеме.“
Сопственикот вели дека одгледува седум кучиња, но оти не биле опасни. Тврди дека дворот на чилиштето бил негов и оти еден дел каде што биле сместени кучињата веќе му бил вратен, додека за останатиот поднел жалба до судот во Стразбур.
„Безбедноста е многу голема, бидејки јас не ги пуштам кучињата, а и кога ги пуштам им ставам маска, синџир и излегувам од тука. Ги носам на кај 25-ти Мај, одам до Калишта и Радожда.“ – изјавува Ади Даути, сопственик на кучињата
Од општина Струга велат дека на неколку пати во изминатите години имале побарано помош од полицијата сама или со помош на општинските инспекоири и другите државни инспекциски служби да се отстранат кучињата. Но, ниту еден од надлежните органи досега не презел мерки. Од таму велат дека доколку нема решение, наставата ќе биде прекината.
Извор: Алсат