Албанските партии во Македонија се плашат од вмешувањето на Русија и стравуваат дека се поттикнуваaт меѓуетнички тензии, пишува австрискиот „Стандард“ во викенд изданието. „Шпигел“ ги анализира регионалните интереси.
Македонските националисти со денови тврдат дека албанските партии сакаат да направат „Голема Албанија“, пишува „Стандард“. Ваквите тврдења се поттикнуваат од руското министерство за надворешни работи, наведува весникот, и ги цитира последните соопштенија од Москва.
„Доколку ги прашате албанските политичари во Македонија, нештата изгледаат сосема поинаку. Ни потпретседателот на албанската партија Беса, Зеќирија Ибрахими, ниту шефот на ДУИ, Али Ахмети имаат каков било интерес за Голема Албанија, менување на границите или поткопување на уставните симболи. Тие сакаат само мирна промена на власта, затоа што социјалдемократите им нудат повеќе од досега владејачката ВМРО“.
„Ибрахими тоа го кажува јасно: ‘За Голема Албанија нема поддршка од никого’. Тој е повеќе загрижен поради зголеменото мешање на Русија во македонската внатрешна политика. ‘Моќта која ја има претседателот Иванов, ја има добиено од Москва’“.
„(…) Ова е првпат Русија да има толкаво влијание’, вели Ибрахими. ‘Русија ја користи кризата во Македонија за да ѝ создава проблеми на ЕУ’. Но зголеменото влијание на Русија им создава страв на Албанците. ‘Затоа што Русија ја поддржува Србија, а тука сите се сеќаваат на војната на Косово’. Ибрахими смета дека решението на кризата не зависи од локалните политичари. ‘ВМРО игра на тоа што знае дека администрацијата на Трамп има мал интерес тука’. ‘Тие провоцираат дестабилизација’. Беса очекува поголем ангажман од Германија, затоа што ЕУ без Велика Британија е слаба. ‘А слаба Европа, значи силна Русија’“.
Во изјава за „Стандард“, поведението на Иванов како „неразумно“ го критикува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. „Не постои Тиранска платформа, се работи за декларација која е подготвена и потпишана во Скопје. ‘Рама со добра волја да ни помогне, не покани затоа што Беса не сакаа тука да потпишат“. И тој ја обвинува Русија за мешање во македонската политика.
„Русија не е задоволна поради нашата одлука да се интегрираме во ЕУ. Но, Ахмети не верува дека ‘нештата отишле дотаму, властодршците да ги слушаат оние кои немаат воопшто ништо со определбата на земјата’, алудирајќи на Иванов и Русија. Партијата на Ахмети, ДУИ ќе биде дел од владата предводена од социјалдемократите. Се шпекулира дека Ахмети наскоро ќе биде сменет од функцијата“, пишува австриски „Стандард“.