ССМ најавува масовни протести и генерален штрајк – се бараат по 100 евра за сите

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) го вклучи црвениот аларм. Работниците наскоро ќе го искажат своето незадоволство на улица, а доколку барањата не бидат исполнети, ситуацијата може да ескалира во генерален штрајк. Ова го најавија челниците на ССМ, потенцирајќи дека трпението е при крај.

Иван Пешевски, потпретседател на Советот на ССМ за приватен сектор, предупреди дека сценариото за генерален штрајк е сè поизвесно, додека претседателот на ССМ, во изјава за ТВ Телма, потврди дека точниот датум за почетокот на протестите ќе се знае следната недела, по состанокот на највисоките органи на синдикатот.

„Нема од што да се плашиме – само заедно сме силни“
Од ССМ веќе ги започнаа подготовките и испратија јасна порака до членството:

„Никој не треба да се прашува дали треба, или да се плаши да ни се придружи на протестите. Само заедно можеме да се избориме за нашите работнички права“.

Зошто протест? – Платите во регионот растат, кај нас сиромаштија
Главната причина за револтот е огромниот јаз меѓу примањата и трошоците за живот, како и заостанувањето зад земјите од регионот.

Регионален пораз: Додека соседните влади од јануари ги кренаа минималните плати на над 500 евра, македонската минимална плата останува закована на 24.379 денари (околу 396 евра).
Живот во сиромаштија: Според статистиката, за едно лице и неговото семејство да не се сметаат за сиромашни, потребни им се 31.200 денари месечно.
Математиката на преживување: Разликата меѓу минималецот и прагот на сиромаштија е цели 6.821 денари. Тоа значи дека работникот на минималец е официјално сиромашен.
Поразителен е податокот дека денес 33,3% од работниците во Македонија примаат плата пониска од 30.000 денари, што значи дека третина од вработените не можат да ги покријат основните животни потреби.

Барање: Линеарно зголемување за сите
Синдикатот има конкретно барање до Владата и работодавачите:

Зголемување на минималната плата;
Зголемување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари (100 евра).
99,5% од работниците се „ЗА“
Одлуката за протест не е донесена само од раководството, туку е одраз на волјата на членството. На последната анкета на ССМ, дури 99,5% од работниците се изјасниле дека се подготвени да излезат на улица на почетокот на 2026 година, доколку не добијат покачување. ССМ порачува дека ќе ја почитува оваа волја до крај.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e