Изјава за медиуми,
Зоран Заев, претседател на СДСМ
Скопје, 08.12.2016
“Денеска имавме навистина голема чест, дел од раководните структури на Стопанската комора на Македонија да овозможат време, во неработен ден, да им ја презентираме нашата економска програма, решенијата со коишто Македонија има намера да се посвети во функција на решавање на економските проблеми во ова наше општество.
Имавме што да кажеме, но имавме и што да научиме. Овде се деловни луѓе кои даваат плати, обезбедуваат даноци за државата, но и се двигатели на севкупниот развој во нашата економија.
Она кое што верувам во периодот што доаѓа пред нас секако доколку ја добиеме честа и одговорноста да ја водиме државата претставува една можност идната Влада да користи сериозен капацитет којшто ќе биде од помош на севкупниот развој во Македонија.
Јас сум убеден дека ние политичарите можеме многу да научиме од деловната заедница.
Драго ми е што имаме инкорпорирано еден значаен дел од проблематиките коишто го тиштат бизнисот и деловната заедница во Македонија како би можело побрзо да се изнајдат решенија заради тоа што решенијата во бизнисот значат и решенија во Македонија.
Успешен бизнис значи нови работни места, значи повеќе пари во буџетот и значи севкупен економски развој и општа благосотојба во Македонија”, изјави Заев.
Одговор на новинарски прашања
Медиум: Што научивте вие од бизнисмените, што е она што недостасува на вашата програма и треба да биде реализирано?
Заев: Програмата ја работевме во консултација со бизнис секторот. Многу често нашите претседатели на комисии беа овде во коморите, во секторите на самата комора, беа по регионалните комори исто така на Стопанската Комора на Македонија. Многу што научивме и гледаме дека има уште многу што да учиме од бизнис заедницата. Она коешто претставува нов моментум СДСМ ја отвора темата токму Стопанската Комора на Македонија во консултација со помалите комори на Македонија, да го делегира наредниот потпретседател на Владата на Република Македонија за економски прашања, без било какви сугестии или слично, автентично нивно решеније, како израз на градење на партнерски однос од којшто наредната Влада ќе учи, ќе го следи она што значи потреба на домашното стопанство и она коешто значи реализација на моментумите каде што му треба вистинска поддршка и помош на стопанството, заради тоа што убедени сме дека на тој начин на државата ќе и помогнеме.
Изјава за медиуми,
Бранко Азески, претседател на Стопанска комора на Македонија
Скопје, 08.12.2016
“Јас сакам да се заблагодарам на Социјалдемократскиот сојуз и претседателот Заев што не испочитуваа како најголема и најбројна бизнис заедница да ни ја презентираат нивната програма. Можам да кажам дека од разговорите со политичките субјекти во Македонија има една позитивна страна има консензус околу инсталирање на бизнисот во врвот на агендата во политиката на Македонија која што не беше така и која што секој ден зема поголем замав.
Тоа го потврдија и денеска претставниците на Социјалдемократскиот сојуз кои не убедија дека во врвот на нивна агенда и со преку седумдесет проценти од нивната програма ќе биде бизнисот.
Она што сакам да го потенцирам, тоа е дека еден поранешен британски премиер пред сто години кажа дека подобро да ги имаш коморите и стопанството како соработник во конципирањето на законитеотколку како противник во имплементацијата. Тоа е суштината на нашите разговори денеска. Како сите тие добри желби со кои што настапуваме и едните и другите во имплементацијата нема да бидат разочарување ниту за нас, ниту за политичките елити.
Значи суштината е да се зголеми степенот на одговорноста бизнисот да биде во врвот на приоритетите. Да продолжат капиталните инвестиции, да се подобри состојбата во правосудството, да се изедначат домашните со странските компании, да се даде ветар во едрата на компаниите и на таков начин да постигнеме раст кој што може да не прави конкурентни, компетитивни на другите пазари затоа што ние сме мала земја и без тоа не можеме да одиме напред.
Така да основните заложби на Комората остануваат во големата слика дефинирани на три точки, на три столбови. Постигнување на договор меѓу јавниот и приватниот сектор за нивните меѓусебни релации во текот на владеењето.
Второто е изготвување на една стратегија за долгорочен економски развој како би се овозможиле предвидливост на бизнис заедницата во креирањето на инвестиционите политики и затоа разговаравме дека е потребно да се направи пописот конечно во Македонија за да може да се изработи таа стратегија во којашто ќе бидат сите чинители значајни.
И трето за да не биде ова од наша страна демагогија, ние кажавме дека како најголема и најбројна бизнис заедница сме спремни да разговараме за моделирање на коморскиот систем на Македонија во функција на развој на државата.
Значи отворени сме за секаков дијалог на таа тема.
Така да гледано, на крајот заклучувам дека ние може да бидеме како бизнисмени и лако бизнис заедница задоволни дека на високо место ќе биде рангиран приоритетот, економијата, а тоа овозможува развој на државата и подобара ситуација за сите, и за фирмите, и за граѓаните”, изјави Азески.