Спасовски: Работиме на варијанти што следуваат, но најважно е Иванов да се вразуми

Одговор на новинарски прашања,
Оливер Спасовски, Генерален секретар на СДСМ
Скопје, 07.03.2017

Медиуми: Зошто не побарате да се свика Собранието, да се избере претседател на Собранието и да се распишат локални избори?

Спасовски: Ние работиме на варијанти коишто следуваат меѓутоа најважната работа е Иванов да се вразуми и да го даде мандатот со тоа што ќе ги исполни своите уставни овластувања. Ова претставува директно кршење на Уставот, рушење на уставниот поредок и токму заради тоа и денешната прес конференција и повикот навистина г-динот Иванов да направи се, да помогне Македонија да излезе од оваа криза. Изборот на Парламентот и сите други работи којшто претходат, сигурно дека мора да се случат меѓутоа најважно од се е Македонија да добие што е можно побрзо Влада.

Медиуми: Како го коментирате денешното писмо на Иванов и дали навостина Платформата е предуслов за формирање влада?

Спасовски: Прво, Иванов во услови кога го прекрши Уставот на Република Македонија, кога на еден груб начин го погази членот 90 во којшто јасно се укажува дека Парламентарното мнозинство на партијата или партиите го добиваат мандатот за составот на Влада, тоа не го стори. Ја вовлече Македонија во дополнителна криза, ги крена тензиите кај граѓаните, било какво писмо, било какво обраќање е само негово оправдување. Ние како Социјалдемократски сојуз разговараме за идна програма на Владата на Република Македонија, таа програма на Владата на Република Македонија, на една реформска влада, за Македонија напредна, за Македонија единствена, за Македонија едно општество на сите граѓани на Република Македонија ќе биде презентирана пред македонскиот парламент, а со тоа и пред граѓаните на Република Македонија и таа програма на Владата е програма за унитарна Македонија, за Македонија на сите граѓани. Сето друго се изговори кои се во функција на одредени политички структури во Република Македонија, на нивна заштита и токму заради тоа нема што тука да се коментира освен како едно оправдување коешто си го бара самиот пред себе и верувам и пред македонската јавност.

Медиуми: Иванов денес испрати писмо, но вие се сретнавте со претставници на тие држави до кои беше адресирано писмото. Кои беа нивните пораки ?

Спасовски: Има денеска разговори во однос на тоа прашање, не само денеска туку разговараме постојано со сите меѓународни претставници со пријателите на Република Македонија. Главната порака е Македонија да добие Влада што е можно поскоро, заради тоа што само на таков начин може да се смират тензиите и кризата да го доживее својот крај, а Република Македонија да почне да се движи напред, да се прават реформи она за што впрочем сите ние имаме обврска или сме превземале обврска пред граѓаните на Република Македонија.

Медиуми: Што ако Иванов и понатаму не го даде мандатот и кои се следните опции?

Спасовски: Ние очекуваме дека кога има Иванов избор од една страна Македонија и граѓаните на Република Македонија, и од втора страна заштита на одредена политичка структура или спас од криминалот, дека се уште има време да се предомисли и да застане на страната на граѓаните на Република Македонија, бидејќи знаете вие дека, имаше и протести претходно во Република Македонија, после една одлука за амнестија на одредени политички структури во Република Македонија. Се предизвикаа сериозни протести и негодувања кај граѓаните којшто беа за заштита односно се спротивставуваа за заштитата на криминалот. Денеска имавме протести којшто ја поддржуваат одлуката на Иванов да го руши уставниот поредок и повторно да го штити криминалот. Од тој аспект ќе направиме се да врз основа на правен легитимитет, врз основа на уставните можности да се добие мандат од стана на Иванов и да се формира новата реформска Влада.

Медиуми: До кога ќе чекате да го добиете мандатот од Иванов?

Спасовски: Во однос на свикувањето на собранието, ви одгворив претходно што значи работа за свикување на Собранието, а друго е избор на Влада. Значи ќе направиме се во целиот овој период преку сите можни расположливи демократски и правни средства за да ги оствариме уставните начела и да ја формираме новата влада.

Медиуми: Дали со тоа што го чекате Иванов да се предомисли и не преземате ништо, оставате простор и понатаму да се разгоруваат страстите?

Спасовски: Ние преземаме се што е во наша можност. Наша цел е да се смират тензиите. Наша цел е да не продолжи конфликтната состојба и поделбата, наша цел е да не ја брануваме јавноста и да создаваме нереди кои можат да прераснат и во пошироки размери. Затоа постојано повикуваме кај граѓаните да преовлада разумот, да бидеме дел од луѓето кои ја имаат сериозната одговорност за мир и стабилност во Македонија и таа состојба на делување е најголемата порака до оние кои во овој момент креираат одредени кризи. Затоа, СДСМ прави се и ќе прави се и понатаму да не дозволи во ниту еден момент да се случи да ескалираат состојбите, заради тоа што ескалација на состојбите најмногу му одговара на ВМРО-ДПМНЕ и неговото раководство. Мораме да направиме се за на еден транспарентен мирен начин, почитувајќи ги сите уставни законски и политички норми да дојдеме до формирање на влада.

Медиуми: Повторно побаравте од претседателот Иванов веднаш да ви го даде мандатот. До кога планиртате да барате веднаш да ви го додели мандатот?

Спасовски: Ние побаравме веднаш како што побаравме и првиот ден кога тој го прекрши Уставот и ќе го повикуваме секој ден и секој час да биде разумен да се сети на Република Македонија и нејзините граѓани и да се издигне над политиката која што сега во овој момент му е во прв план се со цел да не создава дополнителна уставна криза и да не создава дополнителен страв, туку да си ја оствари неговата уставна определба за добивање на мандат и состав на новата влада.

Медиуми: Дали стравувате од тензии доколку ви го додели мандатот?

Спасовски: Доделување на мандатот за формирање на владата, ќе значи прв чекор кон разрешување на кризата, и до намалување на тензиите. Зошто е тоа така? Затоа што на тој начин ќе се создадат можности да се разговара за програмата на владата, таа ќе биде презентирана во македонската јавност, и таа програма на Влада е клучниот елемент за развој на Република Македонија. Така што апсолутно не очекувам дека еден дел од граѓаните на Република Македонија ќе продолжат со протести и тензии, во услови кога не знаат за што протестираат во најголемиот дел. Знаете како рече еден демонстрант пред ДИК – јас не знам за што се протестира, меѓутоа за секој случај сум тука. Се додека добиваме такви одговори на прашањето зошто се протестира, јасно е дека се протестира заради заштита на одредена група, којашто се плаши заради сопствената кожа, што ќе се случува во понатамошниот период, се плаши од воспоставувањето правда во Македонија, меѓутоа најважно за државата е нова реформска влада и правда за сите граѓани.

Медиуми: Граѓаните кои протестираат се реалност, исто како и писмото што го упати Иванов и во кое кажува дека е загрижен. Што има позади таа платформа и од што е загрижен Иванов што мора да реагира на сите страни?

Спасовски: Прво, го праќа писмото и продолжува тој принцип на загриженост без да се објасни на граѓаните за што е загрижен. Јас исто така упатувам јавно прашање до Иванов – зошто не беше загрижен во моментите кога го додели мандатот на Никола Груевски, кога исто така постоеше таа платформа? Гледате дека слушаме деновиве дека се од платформата било прифатено од Груевски. Имавме изјава, односно имаше коментар во вести на една национална телевизија дека, готово е, денеска се формира владата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ заради тоа што Груевски ја прифати платформата на Албанците. Јас мислам дека таква загриженост во којашто се покажува наводна загриженост за состојби во Македонија, којашто се споделува како реалност, а не го земате во предвид фактот дека исто така, реалност е парламентарното мнозинство во Собранието, реалност е дека треба да се создаде програма за идната влада, реалност е дека треба да ги исполнувате уставните начела и така натаму, сето тоа како реалност во Македонија треба да биде земено во предвид, посебно од некој кој претендира да биде претседател на една држава, односно татко на нацијата, во моменти кога македонската држава, треба да има институција над којашто треба да се потпре. Иванов покажа дека не е таа институција, во којашто граѓаните треба да бидат сигурни. Наместо да помогне во разрешувањето на кризата, уште повеќе ја комплицира таа криза. Јас верувам дека тоа не е негова желба, туку желба и барање на политичката опција којашто му даде поддршка за изборите. Сето тоа укажува дека е далеку од тоа дека Иванов работи за интересите на Република Македонија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e