Министерот Спасовски во гостувањето во Отворено Студио 1 изјави дека во службите и во полицијата има многу кадровски промени на луѓе кои учествувале во прислушувањето и во настаните на 27 април, дисциплински постапки и откази, за тоа што го нарушиле угледот и ги компромитирале службите, тоа е процес кој нема да запре.
-Во делот на НАТО, за класифицираните информации соработуваат повеќе институции и сите се во подготовки и се менуваат законските решенија, за да се гарантира системот така како што го бара Алијансата и не се дозволени никакви импровизации.
-Соопштението од ОЈО за бегството на Груевски не ја исклучува кривичната одговорност за евентуални помагачи на Груевски да побегне. Нормално е дека на крајот ќе знаеме што и како е направено и кој помогнал.
Индиции постојат за повеќе луѓе, не само од МВР, туку и надвор, кои се смета дека биле логистика во бегството, но тоа треба да го докаже истрагата, а МВР и стои на располагање. Тој е уверен дека процесот ќе заврши и ќе се побара одговорност од луѓето.
-Постојат сомневања за повеќе лица, МВР соработува со ОЈО, кое и во соопштението посочи на сомневање во повеќе лица, но за сега не може да се објави нивниот идентитет, ќе се чека исходот на процесот.
-Бегството на Груевски и на напаѓачот на Села и предизвика политичка штета на Владата и нормално е дека постојат сомневања во јавноста. Случајот покажува слабости на системот кои мора да бидат детектирани и ако не успееме да ги отстраниме ќе ни се случуваат вакви работи. Треба да се внимава на мерките притвор што ги одредува судот и начинот на кој се спроведува надзорот на луѓето, не може да се остават слободни без преземање на ниту едно дејствие и да сметаме на совеста на луѓето дека ќе останат да ја издржат казната.
Изненаден е како може да се бара куќен притвор за човек осуден на 13.5 години затвор, но ОЈО тоа го побара. Во барањето стои што е барано од МВР, односно во рок од 24 часа да се провери дали лицето е дома и ако не е да се известат надлежните органи.
– Груевски имаше обезбедување по сила на закон, во ниту еден момент од завршувањето на функцијата до бегството немаше никаква пријава за закани по живот, но обезбедувањето од 6 лица го доби по законот што го донесе самиот додека беше на власт, вели Спасовски.
