Советот на министри на 19-ти ноември ќе дискутира за проширувањето на ЕУ

Проширувањето на Унијата ќе биде формално на агендата на средбата на министрите за надворешни и европски работи на ЕУ, што ќе се одржи на 19 ноември во Брисел, потврдуваат за МИА од Европскиот совет.

Министрите на земјите членки на ЕУ поддржувачи на проширувањето инсистирале да биде вратена темата на агенда што поскоро, но не треба да се очекуваат никакви заклучоци. Министрите ќе разговараат за состојбата во која се наоѓа прашањето во овој момент, а дипломатски извори за МИА додаваат дека очекуваат Франција да поднесе подетални барања за предлозите за реформа на методологијата на процесот на проширување.

Проширувањето и блокадата на преговорите за членство со Северна Македонија и Албанија биле тема на дискусија на вчерашниот неформален амбасадорски состанок во Брисел.

Дипломатите ова го толкуваат како обид да се одржи во живот темата за проширувањето на ЕУ и политички сигнал дека ЕУ не се откажува од оваа политика.

Северна Македонија беше блокирана на последниот Европскиот Совет од страна на Франција, додека на отпочнувањето на пристапните преговори со Албанија се спротивставија и Холандија и Данска.

Франција бара да се реформира процесот на преговори и неговата методологија, но за сега Париз не поднел конкретни предлози за оваа реформа.

Српската државна телевизија РТС, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел, јави дека Франција ќе ги претстави предлозите за реформа на процесот на проширување на ЕУ на следната средба на Советот на министри за општи работи на Унијата, што ќе се одржи на 19 ноември.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, српската државна телевизија наведува дека неколку земји членки, меѓу кои и Италија, Полска, Австрија и Чешка, побарале дебатата за проширување да продолжи на следниот министерски состанок, со цел „да се изнајде пат за излез од сегашната блокада и да се покаже дека ЕУ не им го свртела грбот на земјите од регионот“ по негативната одлука минатиот месец.

Според телевизијата, меѓу земјите членки постои договор дека разговорите треба да продолжат, но Франција побарала тие да бидат добро подготвени „за да се избегне повторување на познатите ставови и создавање на нереални очекувања, бидејќи состанокот на 19 ноември нема да биде за започнување на преговори, туку за подготовка на дебата и евентуални одлуки за пролетта 2020 година“.

Франција најави дека ќе даде свои предлози за реформа на процесот на проширување, кога оваа тема формално ќе биде на дневниот ред на следната седница на Советот на министри.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e