Нов скандал го тресе јавното претпријатие Водовод. Директорот на државното претпријатие Александар Атанасов, функцијата ја врши со завршено основно образование, обвинуваат од Синдикатот на работниците од угостителството, туризмот, комунално-станбено, занаетчиството и заштитните друштва.
Директорската функција ја добил со неважечки дипломи за средно и високо образование кои ги стекнал надвор од земјава, а тие не се признаени во Македонија. Од Синдикатот излегоа со документи на кои се гледа дека од Владата не му ги признаваат дипломите на Атанасов. Синдикалците сега јавно прашуваат на кој начин Атанасов бил избран за прв човек на ЈП „Водовод“, кога не ги исполнувал основните критериуми.
Претседателот на СУТКОЗ, Дарко Димовски, изјави дека ќе бара градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски да го разреши од функцијата генерален директор на јавното претпријатие.
„Апелирам посебно до градоначалникот на Град Скопје господинот Коце Трајановски кој има и законска можност веднаш да го разреши господинот Александар Атанасов. Ние по судски пат ќе бараме негово разрешување. Тој знаел дека неговата диплома е несоодветна и неприменлива на овие простори, но и натаму си ја вршел кришум функцијата директор“, изјави Дарко Димовски од СУТКОЗ.
Синдикалците обвинуваат и за незаконски откази , казни и деградирања во компанијата. Даут Салиу, еден од отпуштените. Како што вели, над 30 години работел во ова претпријатие, а според него, останал без работа бидејќи не е поддржувач на ВМРО-ДПМНЕ.
„Десет луѓе се избркани од работа без никаков законски основ. Одлуката е донесена за два дена. Тој има тим направен внатре во компанијата што му помага. Кој не е со ВМРО мора да биде избркан“, рече Салиу.
Побаравме став од Град Скопје, кои се надлежни за вработување и назначување на директори во јавните компании. За ТВ21 велат дека не се запознаени со случајот и ќе проверат во нивната правна служба.
Инаку, Атанасов високо образование завршил на Американски колеџ со дисперзирани студии во Грција. Но, Емпаја Стејт Колеџ го нема на Шангајската листа на првите 500 Универзитети во светот, па поради тоа неговата диплома е невалидна за работа во државна институција во Македонија.
Отпуштените од работа тврдат дека директорот на ЈП „Водовод и канализација“ дополнително не може да ја извршува функцијата затоа што бил условно обвинет. Се обидовме да добиеме став и од директорот Атанасов, но сепак до почетокот на Дневникот, тој не одговори на нашите повици, велат од ТВ 21.