СЈО го објави третиот полугодишен извештај за сработеното. Обвинителката Јанева во извештајот пишува дека обработени се 45% од вкупниот број на аудио фајлови со кои располага ова Јавно обвинителство и изработени се 960 транскрипти каде врз основа на преслушаните разговори има индиции дека е сторено кривично дело. Од обвинителството посочуваат дека во тек е одвојување на приватните разговори од разговорите кои се во обработка. Од вкупниот број на анализирани разговори 272 950 издвоени се 90 618 аудио фајлови со времетраење од 2030 часа за кои се утврди дека станува збор за приватни разговори.
„Во извештајниот период ова Јавно обвинителство се стекна со специјализирани информатичко-форензички софтверски решенија со чија помош се откриени уште 66 909 избришани аудио фајлови, со тоа што вкупната бројка на аудио фајлови се искачи на 606 555. На овие фајлови, како и на претходните 540 646 е извршен електронски попис кој се наоѓа на вкупно 15 906 страници во електронска форма. При попишувањето е утврдено дека времетраењето на сите аудио фајлови изнесува 13 200 часа“, пишува во Извештајот.
Во текот на овој извештаен период СЈО иницирало 14 нови предистражни постапки, а доколку се земат предвид и 54 предистражни постапки отворени од неговото формирање па заклучно со вториот извештаен период, во моментот во работа има вкупно 68 предмети кои се во фаза на предистражна постапка.
Заев бил следен незаконски
Обвинителството на Јанева во извештајот образложува дека во предметот Пуч, од кој се откажаа како обвинителен предлог, откриле дека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, бил следен без судска наредба, односно незаконски.
„При доставување на предметот КО.бр.25/15 на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје до ова Јавно обвинителство, покрај другите списи и докази, е доставен и хард диск за кој е утврдено дека потекнува од канцеларијата во УБК која ја користел осудениот Звонко Костовски, но хард дискот не е предложен во листата на докази. При извршената анализа на овој хард диск од страна на ова Јавно обвинителство констатирано е дека се генерирани фајлови од активност на апликација која бележи комуникација помеѓу два телефонски броеви каде што таргет е лицето Зоран Заев, а самите генерирани фајлови и обработката на истите укажуваат дека комуникациите биле следени без издадени судски наредби, односно незаконски. Од страна на ова Јавно обвинителство извршен е електронски попис на овие материјали кој е сочинет на 27 189 страници во електронска форма. Притоа, детектирани се 31 495 аудио фајлови со времетраење од 671 час и 72 513 СМС пораки кои биле цел на апликацијата која бележи комуникација помеѓу два телефонски броеви“, пишува Јанева во Извештајот.
Кривични дела за кои до овој момент СЈО отворило истражни постапки:
84 – злоупотреба на службена должност и овластувања
3 – злоупотреба на постапка за јавни набавки и тендери
24 – злосторничко здружување
42 – широк дијапазон на дела поврзани со изборни нерегуларности од повреди на избирачко право, преку злоупотреба на средства за финансирање на изборна кампања до фалсификување и уништување на изборен материјал
7 – мачење и друго нечовечко или сурово постапување и казнување
Јанева додава дека покрај претходно доделените 23 припадници на правосудната полиција кои работат како истражители доделени за работа во ова Јавно обвинителство од Министерството за внатрешни работи и Управата за финансиска полиција во извештајниот период доделени се за работа уште 2 полициски службеници од Министерството за внатрешни работи. Во извештајниот период преку спроведување на постапката за вработување по пат на јавен оглас од 17 октомври односно 15 декември примени се вкупно 30 лица, од кои 27 по пат на јавен оглас за вработување и 3 лица по пат на преземање.
Во наредниот шестмесечен период очекувам, пред се, во целост да се нормализира соработката со институциите и органите во земјата во рамки на законските овластувања, со цел да се овозможи непречена и ефикасна работа на Јавното обвинителство што е во интерес на правдата и на сите граѓани на Република Македонија. Иако во извештајниот период ова Јавно обвинителство продолжи да наидува на проблеми во остварување на соработка со правосудните и други институции, изразувам уверување дека во периодот што следи ова соработка ќе биде унапредена и сите тела државни органи и институции надлежни за спроведување на закони ќе обезбедат помош по барање на ова Јавно обвинителство согласно со Законот за кривична постапка, пишува Јанева.
Извор: Сведок