СЈО бара замрзнување на имот, вклучително и седиштето на ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и други високи партиски функционери се осомничени за перење пари и нелегално финансирање на партијата во истрагата Талир, која денеска ја објави СЈО. Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева рече дека предмет на истрагата не е политичката партија, туку поединци кои ја злоупотребиле партијата и го оштетиле нејзиниот углед и репутација. Осомничени се вкупно 11 лица. Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека првоосомничениот Груевски од 2009 до крајот на 2015 година овозможил незаконско финансирање на партијата за зацврстување на неговата моќ во партијата и државата. Тој е осомничен дека формирал група лица која се занимава со перење пари, односно ги злоупотребиле податоците на дел од партиското членство и во нивно име уплатувале готовина на партиската жиро сметка, при што на уплатниците биле внесувани погрешни податоци. Обвинителката Ленче Ристоска рече дека уплатниците се пополнувани со ист ракопис и се уплаќани на 20 до 30 секунди. На овој начин од 2009 до 2015 година на партиската сметка биле внесени скоро 5 милиони евра, а потоа тие пари се користеле за редовни партиски трошоци, но и за купување имот. СЈО соопшти дека дел од тој имот не се користи за партиски цели и нема партиски обележја.

Функционери на ВМРО-ДПМНЕ исто така се осомничени за злоупотреба на службената должност при изградба на главното седиште на партијата во Скопје од страна на градежната фирма Бетон. Според СЈО, несразмерноста во инвестицијата од страна на ВМРО-ДПМНЕ и на Бетон се смета како донација од Бетон, што партијата не смеела да ја прими со оглед на тоа што градежната фирма извршува јавни работи. Во овој случај се осомничени пет лица.

СЈО ќе бара замрзнување на имотот на ВМРО-ДПМНЕ за кој се сомневаат дека е стекнат на незаконски начин, меѓу кои и седиштето на партијата во Скопје.

СЈО денеска отвори уште две истраги. Истрагата Тревник се однесува на бесправно градење три викендиници во скопско Зелениково, а истрагата Траекторија на тендерот за „кинеските автопати“ Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.

Извор: РСЕ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e