Штрајк во текстилна фабрика во Македонска Каменица. Работници одбиле да работат по 11 часа за 6.000 денари. Два дена, производството во оваа фабрика беше стопирано, а околу 170 вработени, гласно се побунија против условите во кои работат, пренесува ТВ Стар.
Платата е намалена, осигурани сме на еден месец, ка – 15 нд ни е дадено и работиме по 11 саата, за 6000 денари, а некој и за 3000 денари, кажа вработена во фабриката.
Поддршка за штрајкот и логистика, текстилните работнички добија од Штипското здружение за заштита на правата на работниците во текстилството и кожарството – Гласно.
Овој пример, според Гласно се одраз на состојбите во најголемиот дел текстилни фабрики во регионот.
Овој пример на овие работници во оваа фирма ја отсликува целата ситуација во текстилните фирми, каде работниците се соочуваат со прекувремена работа, се соочуваат со неисплатена минимална плата, вели Горан Трајков од здружението „Гласно“.
ТВ Стар се обиде да стапи во контакт со сопствениците на фабриката, но тие коментар најавиле за утре. Нив на состанок веќе два дена ги чекаат и вработените во фабриката кои денес почнаа со работа. Сепак, менаџерите немале работа за сите, па половината од работничките се вратиле дома, а останатите останале да работат.
Ова е втор случај за два месеца, вработени во текстилството да бараат помош од Гласно. Претходно, кај нив се обратија и 10-тина текстилни работнички од Крива Паланка, на кои им беше прекинат договорот поради бременост.
За поврзани вести продолжете надолу