Што треба да знае Петре Шилегов

На Шилегов сега ќе му треба визија од поинаков тип, а не само програма за изборна победа, затоа што вистинското раководење со Скопје не подразбира само „живот во него“, туку планирање на подобар град, пишува Дојче веле.

На новиот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, очигледно не му недостасува енергија ниту верба дека метрополата може да ја направи пристојно место за живеење на неговите жители. Дека може од Скопје да направи еколошки пријателски град, дека може да го гасифицира, дека може да се справи со неверојатниот сообраќаен метеж… Во една изборна кампања реториката може да биде функционална за да ги привлече гласачите, ветувањата може да бидат безбројни, па дури и неверојатни, плановите да бидат грандиозни. Голем дел од кампањата по некое време се заборава, но некои делови од неа остануваат да потсетуваат колку лесно можат да се изречат зборовите.

Петре Шилегов не треба да го заборави она што го зборуваше во кампањата, но водењето на еден град кој ја претставува безмалку половината од државата (а економски веројатно две третини) не е она што се зборуваше на бините или при ракувањето со граѓаните. На Шилегов сега ќе му треба визија од поинаков тип, а не само програма за изборна победа, затоа што вистинското раководење со Скопје не подразбира само „живот во него“, туку планирање на подобар град. Додека објаснува како имал состаноци со раководителите на секторите во Градот, кои му раскажувале на која точка се работите на денот кога влезе во градоначалничката канцеларија, Шилегов треба да отиде чекор понатаму или да размислува поинаку. Затоа што функционирањето од бараките во Градскиот парк не е исто со ораторството во Собранието на Македонија.

Mazedonien Kommunalwahlen Petre Shilegov neuer Bürgermeister von Skopje (DW/P. Stojanovski)

За граѓаните на Скопје пожелно е Шилегов да знае што кажа високиот функционер на Обединетите нации, Жуан Клос, извршниот директор на Програмата за човечките населби на ОН (позната на ОН-Хабитат), во понеделникот на 31 октомври, кога се одбележува Светскиот ден на градовите. Клос (кој беше девет години градоначалник на Барселона) во својата изјава ја нагласи потребата да се најде иновативен начин за раководење со градовите. Клос, меѓу другото, го кажа и ова:

„Граѓаните и засегнатите страни можат да придонесат за поголеми инклузивни градови, особено за нивните најранливи жители. Но, за да успее ова, локалните влади треба да се отворат кон идејата за управување заедно со граѓаните, граѓанското општество и приватниот сектор – бидејќи предизвиците со кои се соочуваме се премногу големи за да се постигнат само со еден актер… Урбаното раководење бара силните локални институции да ги искористат овие предности, да ги препознаат понудените можности и лидери кои се доволно храбри да ги прифатат промените. Овој Светски ден на градовите го слави иновативното управување, отворените градови. Не треба да се плашиме од иновациите”, истакна Клос.

Иднината на градовите

Можеби за една политика, која на прв поглед изгледа премногу локално во еден локален регион како Балканот, овие пораки се премногу општи, но сепак треба да се прочитаат. Како што треба да се прочитаат и дел од излагањата на познатиот Чикашки форум за глобалните градови, кој се одржа во јуни годинава. На него секогаш учествуваат голем број сегашни и поранешни градоначалници, поранешни и сегашни премиери или министри, како и политички мислители. Од визирот од Скопје тоа може да се чини премногу глобално, но ако за патот напред расправаат и градоначалникот на Рио де Жанеиро (познат по своите фавели) или на Аман (каде се со децении има стотици илјади палестински бегалци) зошто поентите од таа расправа за – патот напред, не би важеле и за Скопје.

Што заклучија влијателните луѓе на овој собир во Чикаго. Дека иднината на градовите ќе биде осмислена од два тренда: дигитализација и урабанизација. И дека градовите ќе мора да се прилагодат на тоа или ќе стагнираат. Според дебатата во Чикаго има три главни предизвици со кои се соочуваат мегалополисите, што Скопје несомнено е во македонски услови. Првиот предизвик е хипер-урбанизацијата. Бидејќи градовите зависат од енергијата многу работи ќе мора да бидат направени за да се подобри одржливоста и ефикасноста и да се промовираат нови зелени технологии. Вториот предизвик ќе биде да се адресираат ефектите од новите дигитални технологии кои генерално се поврзани со таканаречената економија за споделување. Хардверските и софтверските апликации кои обезбедуваат транспорт, испорака, угостителство и други услуги по потреба, ќе ги револуционизираат функционирањето и организирањето на градовите. Третиот предизвик се однесува на миграцијата во мегалополисите која ќе продолжи да се зголемува во наредните децении. Без соодветни политики и инфраструктура да ги апсорбираат овие нови пристигнувања, соѕвездието може да пропадне и да се дегенерира во урбани џунгли.

Градовите се главните мотори на националниот просперитет и економскиот раст речиси секаде во светот. Скопје во тоа не е исклучок, па дури неговата доминантна позиција во Македонија ги стави во нерамноправна улога сите други македонски градови, кои се сведени на преживување. Но оваа доминатна позиција на Скопје е голем катализатор на нееднаквоста на неговите жители и ужасна еколошка деградација. Гасификацијата, која не излезе од устата на Петре Шилегов и другите кандидати за градоначалници, не е магичниот лек со кој може да се запре огромното загадување. Таа може да помогне во побрзиот економски развој или во намалувањето на трошоците на подолг рок, но за квалитетна животна средина е потребен поширок спектар мерки.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e