Пишува Биљана Секуловска за порталот Нова ТВ
Навистина, што со оние кои молчеа сиве овие 11 години, додека владееше Никола Груевски и она што го создаде од оваа земја, груевизмот. Примитивизмот, стравот, кукавичлукот, мизеријата која ги обвитка луѓето, пајажината ги покри нивните усти, пердето нивните очи, валкани течности нивните уши.
Што со тие луѓе, кои кога ви пружаа рака и ви се претставуваа како интелектуалци, тоа им го дозволуваше професијата, дипломите, престижните училишта, културниот капитал пред се, кој гласно извикуваше низ годиниве- дека тој е наспроти се што тие претставуваат и дека се срами од нив.
Игнорантни, лукави, подмолни, мали и ништожни тогаш, а сега, е, сега, тие се повторно во игра, картите им се поделени, тие се рамноправни учесници во таа наша заедничка игра во која соживотот со нив мора да се подразбира.
Тие се седнати заедно со понижените, засрамените, малтретираните. Тие се еднакви со нив, со нас, со светот, како ништо да не било, како тие да не биле- тие, тивки, бесчујни, расипано неми.
Протест на Професорски пленум
Тие, самопроглаените интелектуалци, кои глумеа скромност и така ја објаснуваа свјата мочеливост, тие, морални инвалиди, крвопии на луѓето со слободарски дух кои изгубија углед, почит, чест, затоа што беа унакажувани, поткажувани, посрамувани, токму тие таканаречени интелектуалци, безбедни во глувчешката дупка, сега имаат еднаква, а можеби и подобра шанса од оние на кои им ја цицале крвта, не мрднувале со прст за одбрана, за да се спротивстават, за да проговорат.
Да кажеа барем- не, јас не се согласувам со груевизмот, со неправдата, со очајот околу мене, кој ме притиска, кој не ми дава да заспијам, да се разбудам не посакувам заради него, да живеам така повеќе не можам.
Дали сега треба да проговорат, да дебатираат, да се пенават и да ја вадат сета артилерија со која распололагаат? Професијата, дипломите, престижните училишта, културниот капитал кој се срамеше и потонуваше вземи од срам заради нив?
Наспроти високите тонови на Професорскиот пленум, контра-професорска средба со Груевски
Секако да, нека грмат, нека го креваат во воздух секој амфитеатар, секоја прашлива улица, секое гранапче и сокаче, онаму каде што се водат главните дебати на оние кои не можат да преживеат, оние кои се врткаат околу ѓубриштата тогаш кога ќе зајде сонцето, кога ќе им ги гледаме само сенките и ќе ги препознаваме бившите служители, учители, чиновници, обични луѓе кои претходно, тогаш кога ги носеле професиите со достоинство, прават една земја да биде држава и еден живот- да помине со леснотија и убавина.
Никој нема против тие морални инвалиди, таканаречени интелектуалци, сега да проговорат и да почнат и течно да говорат. Она што сепак е тешко за нив е само едно нешто- не знаат дали ќе има ли кој да ги слушне, да им се насмевне, да ги погледне со милост.
На протестите за Скопје 2014: Никола Наумовски и Ивана Драгшиќ
Тоа ќе дојде само тогаш- ако некогаш покажале срам, но, но, што да се каже освен дека тој срам никогаш и никаде не бил виден, ниту чуен. Тие, самопрогласените интелектуалци сега се во играта, рамноправни со оние кои претходно се бореа со насмевка, покажуваа милост, дури и тогаш кога губеа углед, чест, работа, финансиска сигурност.
Се разбира, добредојдени се сега да говорат оние кои немо одобруваа да се рашири груевизмот, како октопод, пипците да ги обвитка и нив, и тие да станат дел од тоа канцерогено тело, сите оние професори, дипломати, судии, новинари, писатели, академици.
И навистина, што со оние кои молчеа досега?