Штипските пензионери прашуваат: Дали Драги Аргировски е трговец поединец?

Потпишувајќи договор со владејачката партија за партнерство во претстојните избори, Драги Аргировски, претседател на СЗПМ, себеси се стави во улога на менаџер на фирма со познатиот наслов трговец-поединец, сметаат дел од штипските пензионери.

Според нив, тој го узурпира демократското право на секој пензионер во државата сам, согласно својата свест и совест, да одлучува за кого ќе го даде најдрагоценото нешто, а тоа е сопствениот глас на изборите закажани за 11 декември годинава.

Штипските пензионери сметаат дека Аргировски со цел да го продолжи додоворувањето на вмровскиот лидер Никола Груевски, и за себе да оствари финансиски и други бенефити, тој тоа го прави цело време откако е на позицијата прв пензионер на Македонија. Штип, како најиндустриски град во државата, има околу 11.500 пензионери кои тоа станале по разни основи.

„Не може Аргировски да ни сугерира за кого да гласаме на изборите закажани за 11 декември. Тој никако не успеа да разбере дека СЗПМ не е политичка организација, дека пензионерите се луѓе со бели коси и со пребогато животно искуство, тие знаат да размислуваат со своја глава и согласно своите перцепции на нашата состојба самостојно да носат одлуки за се, а најмногу за тоа за кого ќе гласаат на избори. Мислам дека е време, веднаш по изборите, без оглед која политичка опција ќе победи, членството да му даде корпа“, вели Стојан Методиев, пензиониран економист.

Ист е ставот и на на Милка Јанкова, поранешна учителка, сега граѓански активист.

„Понижувачки е Аргировски на ваков начин да му се обраќа на членството. Тој не разбрал дека Сојузот на пензионери е невладина и неполитичка организација и дека никој нема право да одлучува со кого ќе оди на избори, зашто тоа е надвор од нашиот статут. Ако сака да одработува за некој политички субјект нека го направи тоа во свое име…Тој не може ниту има право да тргува со нашите гласови, а ако тоа одамна не го дознал тогаш не знам што бара на оваа функција“, коментира Јанкова.

И за Здравко Стојанов, кој за себе вели дека е со пензионерски стаж од 13 години, тоа што Аргировски како претседател на СЗПМ потпишал договор со политичка партија е нонсенс.

„Аргировски си даде авотогол, а тоа не му е првпат. Нека завршат изборите и ќе го покренеме прашањето за негова смена, зашто таму ни треба личност која нема да биде лепешка на било која партија“, вели Стојанов.

Извор: Макфакс

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e