Што ќе се случува во опозиција со членовите на Фамилијата не е тема на мојава неделна „проповед“ – мене сега ме интересира има ли партијата, СДСМ, што ќе го преземе раководењето со новата коалиција на власт човечки капацитети со поинакви морални и политички вредности со кои ќе настапат за регенерација на напатеново македонско општество?

Македонската државна управа, од министрите во Владата па надолу, брои (плус-минус) некаде околу 4.000 раководители. Тоа се луѓето што ги менаџираат политичките и функционалните процеси во администрацијата, во министерствата, управите, комисиите, дирекциите, јавните претпријатија, регулаторните тела итн. Тоа се оние што се нарекуваат „функционери“. Тие се надлежни за спроведување и реформирање на политиките на власта, за начинот и правецот на трошењето на јавните пари, тоа се оние што имаат возачи и секретарки, кабинети и извесни дискрециски права.

Искачувањето по таа државна пирамида во последните десет години беше сон на голем број партиски членови на ВМРО-ДПМНЕ (и нивните помали коалициски партнери во власта). Желбата и напорот да се пробијат низ општинските партиски списочиња и пусулчиња, за нивните имиња да се најдат во „тефтерчињата на Гордана“ или на чајанките кај баба Нада и, ултимативно, во телефонскиот именик на Груевски (за, потоа, да го доживеат просветлувањето со добивање СМС-пораки во три часот изутрина од самото партиско божество!), им беше главната животна преокупација. Како што знаеме, на тој пат дострелите на умот котираа помалку од партиската и личната лојалност кон Фамилијата, а семејната припадност во кумско-баџаначките шеми во власта – или сексуалните склоности, во некои случаи – знаеја да донесат повеќе „бодови“ за кариерно напредување од квалификациите или успехот во работата. Се воспоставија и специфични регрутни центри: Унијата на млади сили на владејачката партија, на пример, обезбедуваше кадри што беа обучувани да ги мразат принципите на либералната демократија еднакво колку што немаа поим од работата што требаше да се раководи („Млади се, ќе научат!“), но кои своето неискуство го компензираа со војничката дисциплина и идолатриската посветеност кон современите партиски икони. Слободоумноста не беше на цена; послушноста доследно се наградуваше. Видете го Диме – и сѐ ви е јасно.

РЕД, РАБОТА И ДИСЦИПЛИНА
Корупцијата, сфатена во најшироката смисла, стана главната идеологија на режимот, а крадењата и злоупотребите практикувани од верното партиско членство масовно се толерираа и поттикнуваа, како еден вид неформална, паралелна општествена инфраструктура и ефикасна компензациска шема. Тој вид искорумпиран клиентелизам навистина ги допре сите пори на македонското општество, стана дел од современиот политички менталитет и неофицијално се промовираше во нов морален кодекс: ако си член на партијата, се стекнуваш со привилегии што се над Законот, од најниското ниво на партискиот плебс, до највисокото ниво на партиските патриции.
Ваквото еднодецениско практикување на власта доведе до тоа денешната вмровска аристократија да се состои од неколку стотици семејства во кои нема тетин или стрина што не се на некоја државна „јасла“, закачени на некоја државна „цицка“ за контрола или за молзење на јавните пари. Се знаат имињата на тие семејства во секоја македонска општина, во секоја приградска населба и поголемо село. Тие го спроведуваат рекетот, тие ги контролираат тендерите, кај нив се оди да се моли за вработување, за стипендија или за кревет и термин за операција во јавното здравство.

Има само еден важен услов во тоа криминализирано секојдневие: средните и големите пари и бизниси се резервирани за врвот на партијата и Фамилијата, а секое неавторизирано вмешување во тој вид активности брутално се казнуваше. Ред мора да има!

 ШИЛОТО БАРА ПРОМЕНИ
Но, овој систем на тотална партизација на општествениот напредок и строго контролираната дистрибуција на јавните добра според принципот на партиските списоци, покрај тоа што создаде голем број „добитници“ во општеството, енормно го зголеми и бројот на „губитниците“. Во сите општествени уредувања имало и ќе има добитници и губитници, но тајната на успешното владеење е бројот на добитниците да е поголем од оние што се чувствуваат како губитници, а тоа секако да се прави според принципот на еднакви шанси за сите, без разлика кој сте и на која општествена ориентација припаѓате. Нормално, има во тоа и многу пропаганда, создавање лажни перцепции и разновидни манипулации, но во еден момент „сметката“ стигнува за наплата: „Вистината е како шило, непрестано боде за да избие на површина“, што велеше Лидерот кој Народот не го извади од уста, додека со сите сили го тапеше шилото за да не избие на површината.
Но, шилото изби на површината. Народот од говорите на Лидерот јасно побара промени.

Како што стојат работите, сега сме на прагот на тие промени, пред формирање нова влада во која свое учество нема да земе ВМРО-ДПМНЕ. После долги години владеење и практикување на власта според начинот што се обидов да го опишам во претходниов мал политички трактат, сега таа партија ќе замине во опозиција. Но, што ќе се случува таму со членовите на Фамилијата не е тема на мојава неделна „проповед“ – мене сега ме интересира има ли партијата, СДСМ, што ќе го преземе раководењето со новата коалиција на власт човечки капацитети со поинакви морални и политички вредности со кои ќе настапат за регенерација на напатеново македонско општество?

КРАТОК ФИТИЛ
Од спомнатите 4.000 функционери со кои се владее македонската држава, вообичаено е околу 1.000 нови луѓе да ги преземат функциите во првите сто дена од секоја нова власт, а преостанатите неколку илјади државни позиции постепено да се пополнат во првата година од владеењето. СДСМ на власт ќе дојде во компликувани околности, со релативно мало парламентарно мнозинство и со ново-стар главен коалициски партнер (ДУИ), кој беше главната сојузничка полуга за корумпираното владеење на ВМРО-ДПМНЕ, а за кого се очекува да биде главната сојузничка сопирачка за процесот на расчистувањето на вмровското корумпирано наследство во Македонија. Доколку така се формира новата владејачка структура во Македонија, формално или неформално поддржана и од други помали албански партнери, практикувањето на власта ќе стане ѓаволски тешка работа против чиј успех ќе работи времето. Дури и под претпоставка дека „дупките“ што ќе се затечат во разните ресори не се поголеми и од најпесимистичките предвидувања.
Дополнително, СДСМ е исфрустрирана партија, долги години изложена на разни злобни малтретирања и манипулации од власта на Фамилијата, од највисоките раководни структури и центрите на моќ во Скопје, до нивните бројни знаени и незнаени поддржувачи низ македонската провинција. На тоа треба да се додадат и илјадниците напатени граѓани кои не се дел од партиското членство на социјалдемократите, но не влегоа или беа понижувани и „протерани“ од владејачката номенклатура на вмровците. Сите тие имаат негативен политички „енергетски коефициент“ и располагаат со „краток фитил“ кој нема време за чекање, за долгорочни политички бенефити или за суптилитети неопходни при промената на секоја власт – ќе се бараат резултати, веднаш и овде, без големи одлагања!

А ги знае ли раководството на СДСМ имињата барем на повеќето од оние 1.000 нови функционери што треба да дојдат на власт во првите 100 дена од новата влада? Доколку се знаат, тоа значи дека веќе имаат и некаков план за работа; доколку не се знаат, тоа значи дека тој план за работа допрва ќе треба да се договара. Како што е познато, политиката не е ништо друго туку – кадровска политика. Со кого си, таков си, а овој пат СДСМ нема да има втора шанса да остави прв впечаток, доколку се промовира со погрешни луѓе на важни места.

Зоран Заев потроши многу време и енергија за да го урне режимот на Груевски и резултатот од тие напори не е покус од херојски. Но, сето тоа за кратко ќе замине во заборав доколку се помисли дека е дојдено време за одмор и (само) за наплата на долговите. Нема време за седење по скопските кафулиња, кои и онака веќе се окупирани од функционерите на досегашната власт на Фамилијата.

Колумната на Сашо Орданоски е објавена во „Слободен печат“