Одговори на новинарски прашања,
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Скопје, 04.02.2017
Медиуми: Можеме ли да очекуваме наскоро да се договори парламентарно мнозинство и да се формира Влада? Преговарате ли со ДУИ и останатите политички партии?
Шилегов: Во текот на овие неколку дена замоливме за трпение, имајте ја во предвит сензитивноста. СДСМ е целосно посветен на изнаоѓање брзо и ефикасно решение за формирање на новата Влада на Република Македонија. Граѓаните на изборите избраа влада којашто ќе ги воведе и донесе потребните и бараните промени, таква влада ќе биде избрана.
Медиуми: Како го коментирате ставот на г-динот Бујар Османи дека без договор за Влада, нема потписи?
Шилегов: Сите политички субјекти коишто се инволвирани во процесот, постизборен, треба да се свесни за состојбата во којашто се наоѓа Република Македонија, за сложеноста на таа состојба и да сносат одговорност за своите одлуки.
Медиуми: Имаме информации дека во ДУИ нема волја за соработка со СДСМ, како го коментирате тоа?
Шилегов: Токму тоа го реков, сите субјекти треба да се свесни за висината на задачата и за предизвиците пред којшто е Република Македонија и да носат соодветни одлуки на таа состојба.
Медиуми: Дали сте добиле некој услов од ДУИ пред да ги добиете нивните потписи, да ја прифатите прво Платформата?
Шилегов: Кажав, да имаме минимум трпение, работиме за изнаоѓање на решение, за брзо ќе имаме Влада.
Медиуми: Кога се очекува средба Заев – Ахмети?
Шилегов: Имајте трпение, во моментот кога некоја информација ќе биде зрела за споделување, ќе ја споделиме. Не би сакале да шпекулираме со информации заради тоа што дополнително ќе настане конфузија во јавноста.
Медиуми: Дали преговарате?
Шилегов: Кажав, бидете трпеливи, работиме на изнаоѓање решение.
Медиуми: Прифатлива ли е за вас Платформата?
Шилегов: Кажавме, во моментот кога ќе ни биде даден мандатот ќе ги соопштиме сите наши ставови, по тоа прашање имавте добиено одговор директно од претседателот Заев.
Медиуми: ВМРО-ДПМНЕ пак реагираше за СЈО и рече дека работи под диктат на СДСМ, како го коментирате тоа?
Шилегов: Ваквото ВМРО-ДПМНЕ што побргу замине во историјата, тоа е подобро и за нив како политичка партија и за Република Македонија. Гледате дека секој кој не е по минимум волја на разлигавениот Никола Груевски е предмет и таргет на нивни напади. ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски во изминатава недела, ја скараа или се обидоа да ја скараат Република Македонија со двата најголеми стратешки партнера коишто ги имаме, тоа се САД и ЕУ, затоа што на Груевски не му беа погодени изјавите што ги доби. Секој кој не оди на линија, на тоа што го посакува Никола Груевски очигледно смета дека е на страната на СДСМ. Република Македонија го изгласа СЈО токму поради целосната недоверба којашто, кај граѓаните пред се, меѓутоа и кај политичките структури, владее кон постојното државно Јавно обвинителство и кон судството. Значи не е тоа нешто што ние го измисливме или некој го измисли, токму ВМРО-ДПМНЕ се согласи со таквото Специјално јавно обвинителство. Напоменувам СЈО има за задача да ги истражи евентуалните криминални дејствија коишто ги имаат направено носителите на функции, а којшто се објавени во прислушкуваните разговори што СДСМ ги достави до СЈО. Дали на Никола Груевски му одговара или не таквота политика, тоа е проблем на Никола Груевски. Тоа не може да биде проблем на Република Македонија и не би требало да биде проблем на ВМРО-ДПМНЕ. Сметаме и се надеваме дека внатре во ВМРО-ДПМНЕ постојат сеуште здрави политички сили коишто ќе го променат ова криминално раковоство и за доброто на нивната партија, и за доброто на Република Македонија. Македонија ќе опстане, ВМРО-ДПМНЕ, ако продолжи со вакви политки, ќе исчезне од политичката сцена.