Прес конференција,
Петре Шилегов, портпарол на СДСМ
Скопје, 15.03.2017
Во време кога Македонија се соочува со една од најголемите политички и институционални кризи, креаторот на кризата Ѓорге Иванов реши да замине од државата.
Наместо да го послуша ставот на мнозинството граѓани и на меѓународната јавност и да го додели мандатот за составување на нова влада, Иванов под влијание на Груевски, избра да ја продлабочи кризата и да замине во Азербејџан.
Повеќе од три месеци, Македонија е без легитимна Влада!
Државен приоритет на Република Македонија е да се формира Влада, во интерес на граѓаните.
Во отсуство на Иванов, Македонија останува без единствената каква-таква функционална институција. Собранието се уште нема избрано Претседател, а Владата и министрите имаат ограничени ингеренции.
Со ваквото несериозно, но и опасно однесување, Иванов докажа дека единствената закана по безбедноста и стабилноста на Македонија се токму тој и неговиот ментор Никола Груевски. Непочитувањето на мнозинската волја, прекршувањето на Уставот и напуштањето на државата во период на длабока политичка криза, докажуваат дека Иванов е подготвен да ја држи целата држава во заложништво само за да спаси Груевски и неговите неколкумина соработници од одговорност.
Сето ова е опасно играње на Иванов со безбедноста и стабилноста на Република Македонија.
Граѓаните гласаа за промени и за Програмата на новата Влада и таа мора час поскоро да стане реална програма која ќе биде во функција на решавање на проблемите на граѓаните и стабилизација на државата на секое поле.