Сертификати за судијките во „Пуч“ може да се издадат за 10 дена

Седум до максимум десет дена е оптималниот период во кој може да се завршат сите проверки и да се одлучи дали на некое лице ќе му биде издаден безбедносен сертификат за пристап до доверливи документи, вели за НОВА, универзитетскиот професор и поранешен разузнавач Владимир Пивоваров.

Судијката Љубинка Башеска вчера на неопределено време го одложи рочиштето за „Пуч“ поради немањето безбедносни сертификати на две судијки во постапката за случајот.

Безбедносен сертификат е документ со кој државата проверува и гарантира дека оној кој го поседува е подобно лице да добие пристап до документи со одреден степен на доверливост. Нашите закони предвидуваат класифицирани информации со два степени на тајност – државна тајна и строго доверливо. Како што е поголем степенот на тајност, така и проверките на личностите на кои треба да им се издаде сертификат се поголеми.

Пивоваров објаснува дека за да се издаде безбедносен сертификат, секоја организација поднесува барање за одреденото лице до Дирекцијата за безбедност и класифицирани информации (ДБКИ).

„Тие по примањето на ваквото барање се должни да постапат. Проверки за лицето прави УБК по добиеното барање прави евиденциски проверки и оперативни проверки, како и разговор со барателот на сертификатот. За едни вакви проверки се потребни седум до максимум десет дена, оптимален период во кој може да се завршат сите проверки и да се одлучи дали на лицето ќе му биде дадено сертификат или ќе биде одбиено“, додава Пивоваров.

Според него, поради партизираноста на ДБКИ и УБК, токму со временскиот период за кој тие ќе одобрат или нема да одобрат безбедносен сертификат, се кочат постапките во зависност од моменталните политички потреби, како во случајот со „Пуч“.

„Со ова се вршат невидени манипулации. Во првата техничка влада по Пржинскиот договор во МВР, министерот Спасовски најави професионализација, а предуслов за тоа беше департизација и декриминализација на институцијата, но голем дел од неговите соработници не може да ги извршуваат своите работни задачи затоа што дури на 15-ти мај добија сертификати. Без сертификатот, тие беа неупотребливи. Тоа беше начин како да ги исфрлат од игра, еден од многуте кој им е на располагање“, смета Пивоваров.

Според претседателот на собраниската Комисија за надзор над работата на УБК и пратеник на СДСМ, Хари Локвенец, искуството за издавање безбедносни сертификати е различно и временскиот период трае од неколку дена до неколку месеци.

„ Рокот за издавање на безбедносниот сертификат не е пропишан со закон, за тоа кое е максималното време истите треба да бидат издадени, оставено е на слободна проценка на агенцијата. Оправдани се сомнежите дека судскиот процес сакаат да го пролонгираат за после избори. Претпоставувам дека издавањето на безбедносен сертификат со својата временски растеглива категорија и неопределувањето на точни рокови за самиот закон би било најподатливо за една ваква опструкција“, смета Локвенец.

Поранешниот министер за внатрешни работи и претседател на партијата Демократски Сојуз, Павле Трајанов вели дека досега искуството со издавање на безбедносни сертификати е лошо бидејќи проверките ги врши УБК и таа дава мислење за тоа дали некој може да поседува сертификат.

„И тука се врши кочењето на процедурата, кое може да се води од политички интереси. Дирекцијата чека и доставува допис до УБК. Ако немаат интерес некој да добие, тогаш нема да добие безбедносен сертификат“, вели Трајанов.

На вчерашното судско рочиште за „Пуч“ дојде до расправија меѓу обвинителката Катица Јанева и судијката Башеска поради одложување на судењето. Специјалната обвинителка обвини дека Башеска манипулира со случајот и е несфатливо зошто „Пуч“ се одлага веќе една година поради истиот проблем – безбедносните сертификати.

Поротничката во овој предмет, Олга Крстевска, како што соопшти претседателката на советот, на сопствено барање е изземена од постапката, а на нејзино место е поставена Вања Штерјова, која заедно со судијката Лилјана Ивановска Кочовски се уште немале безбедносен сертификат, што е клучно за да се одржи главната расправа.

На ова, специјалната јавна обвинителка Катица Јанева побара сите да ги покажат безбедносните сертификати пред јавноста, но наместо одговор, од Башеска доби опомена дека го нарушува редот во судницата.

Извор: Нова ТВ

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e