Зијадин Села од Алијанса за Албанците денеска поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценка на уставноста на Законот за прекршоци, кој беше усвоен за имплементација на системот „Безбеден град“. Села истакнува дека законот, кој директно го засега целото население, требало да биде предложен од Владата и разгледан во широка јавна расправа, наместо да помине преку пратеничка иницијатива и по скратена постапка.
„Со овој закон се удира врз целото население, врз сите граѓани и никако не е дозволено да помине по брза постапка. Прашањето што може да се постави е зошто за проектот кој веќе со месеци се промовира од страна на Владата, иницијативата се прави од пратеници во Собранието. Што сака да скрие Владата? Зошто самите не излегоа со оваа иницијатива?“, изјави Села за новинарите.
Тој додаде дека законот не предвидува пораките за прекршоците од „Безбеден град“ да бидат двојазични, туку се испраќаат само на македонски јазик, што, според него, го крши Законот за употреба на јазиците. Исто така, Села укажа дека казните испраќани по порака или мејл се спорни, бидејќи граѓаните не се обврзани да имаат мобилен телефон или електронска пошта.
„Јас имам право да не носам телефон со мене, имам право да немам мејл-адреса. Единствено е законска должност да имаме адреса каде живееме. Ако веќе може да се предвиди такво законско решение, тогаш граѓаните би морале постојано да ги пријавуваат промените на бројот или мејл-адресата во полицијата“, рече Села.
Тој истакна дека системот „Безбеден град“ моментално се имплементира само во три градови, додека останатата територија не е покриена со камери, што дополнително го ограничува неговото дејство.
