Премиерот Зоран Заев денеска претседаваше со 159-тата седница на Владата која што се одржа во Битола, како прва седница во низата што во наредниот период ќе се одржуваат во различните региони во државата.
На седницата, како што информира владината прес-служба, присуствуваа, и во нејзината работа учествуваа и градоначалниците од пелагонискиот регион, од општините Битола, Прилеп, Крушево, Кривогаштани, Долнени, Новаци, Могила и Демир Хисар.
-Оваа иницијатива е со цел да бидеме поблиску до граѓаните и до локалната самоуправа. Да бидеме непосредно блиску до нив за да ги слушнеме нивните приоритети и потреби. Во име на таа цел, на оваа седница, се поканети и градоначалниците од пелагонискиот регион. Вечерва министрите ќе реферираат за активностите на секој од ресорите во пелагонискиот регион. Знам дека има што да се реферира. И тука, како и во целата држава се случува градежна офанзива во патната, водоводната и канализационата инфраструктура. За ова воведно излагање, ќе ги издвојам објектите за отпадни води и фекални води во Битола, како и канализационите мрежи во Долнени, Могила, Големо Коњати, Крушеани, рече Заев.