Сеад Кочан деветти ден во бегство

Адвокатскиот тим на Сеад Кочан, кој досега тврдеше дека бизнисменот е на службен пат – сега не одговара дали Кочан ќе се врати во земјава или ќе остане недостапен за органите на прогонот.
Адвокатот Никола Додевски – денеска беше недостапен за коментар. Тој најави дека битката за докажување дека решението за притвор е незаконско ќе продолжи пред домашните и меѓународните судови.
 Тоа што Кочан го нема ниту откако Апелациониот суд го потврди притворот, и за надлежните институции е доказ дека бизнисменот е во бегство. За поранешниот претседател на скопска Апелација Јордан Митриновски  – оправдана е одлуката на Апелациониот суд. Во одлуката на Апелација беше наведно дека опасноста од бегство постои особено поради фактот што Кочан во два наврати кога бил баран од МВР на домашната адреса не бил пронајден ниту пак неговата сопруга знаела каде е тој.
„Според мене одлуката на Апелациониот суд е основана бидејќи осомничениот за кој е покрената постапка за кој е покрената и потерница по сите обиди тој да биде пронајден се уште не се знае каде и постојат сомневања дека е во бегство и поради тоа основот за бегство еклатантно постои и според законот основот е оправдан“, вели Митриновски.
 Според Митриновски, доколку Кочан сам се пријави на органите кои ја водат постапката против него и понуди гаранција или на друг начин докаже дека околностите за притвор се неоправдани, судот треба да ја преиспита одлуката.
 „Во случајов доколку тој се јави од странство или од каде било и каже дека тој ќе се стави на располагање на домашните органи треба да се постапи на начин на кој ќе се преиспитаат околностите за притвор и ако се понуди гаранција, јас сум поборник за примена пред се на гаранцијата или за одредување на некоја од мерките на претпазливост. Секој пат судот треба да работи законски и основано да ги преоценува условите за притвор и според тоа може да ја менува одлуката и по службена должност и по барање на странките“.
 Меѓународната потерница и барањето за екстрадиција за Кочан е на сила веќе една недела, а бизнисменот е надвор од земјава веќе деветти ден. Апелација наложува – кога Кочан ќе биде пронајден треба да биде лишен од слобода и спроведен во истражниот затвор Скопје во Шутка.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e