Се заканувал дека ќе ги убие поради искажани навреди за премиерот – Притвор за лицето кое направи хаос во студиотот на „Инфомакс“

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Насилство од член 386 став 3 во врска став 1, како и кривично дело – Спречување на службено лице во вршење службено дејствие од член 382 став 3 во врска со 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот делото го извршил синоќа, во просториите на студиото на Инфомакс, во моменти додека се емитувала онлајн програма во живо. Тој ја обил надворешната врата во дворот, како и уште две врати на објектот, влегол внатре и започнал со  насилничко и агресивно однесување,  заканувајќи им се на двајца новинари, гостин и уште еден вработен дека ќе ги убие поради искажани навреди за премиерот.

Започнал да замавнува и да пробува да се пробие и да дофати еден од новинарите, фрлал со чаши кон нив, ги влечел и ги туркал додека не го изнеле надвор и не повикале полиција.

Како резултат на настанот, новинарите биле спречени во извршувањето на нивната службена должност, односно морале да го прекинат емитувањето на програмата. Исто така, од чинот на насилство сите присутни се почувствувале исплашени и загрозени за своите животи и за својата безбедност.

Јавниот обвинител достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот, а со оглед на добиени  информации од кривичната пријава за неговата претходна здравствена состојба, во текот на постапката ќе биде наредено и психијатриско вештачење на осомничениот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e