Се шокира ли и врвот на ВМРО-ДПМНЕ од сведочењата: Бела палата или параполициски камп?

Спиро Ристовски, кој беше министер за образование во владата на Никола Груевски, минатата седмица, во изјава за Дојче веле ги охрабруваше пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во активностите во парламентот посочувајќи дека не е изненаден што и втора група опозициски парламентарци е подготвена да се приклучи кон процесите на помирувањето и заштита на националниот идентитет. Затоа, пак, вчера Ристовски се најде во таборот на поранешни високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ кои, според сведочењето на Александар Василевски-Нинџа, на 27 април минатата година, од белата палата на ВМРО-ДПМНЕ го координирале упадот во парламентот. Во неговото сведочење беше посебно издвоено името на Билјана Бришковска, поранешната заменик-министерка за правда, која, наводно, заедно со бившиот вицепремиер Владимир Пешевски го пишувала писмото за национално помирување. Од друга страна, според информациите, Бришкоска по изборот на новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ е претставник на опозицијата во работната група со СДСМ која ги усогласува законите од областа на правосудството за кои е потребно двотретинско мнозинство.

– Во врска со наводите пренесени во медиумите од сведочењето на обвинетото лице Александар Василевски, можам само да изјавам дека сум запрепастена од невистинитоста на исказот кој се однесува на мене и целосно да го отфрлам како неточен  – одговори  вчера Бришкоска.

Сашо Мијалков, кого ВМРО-ДПМНЕ го исклучи од партијата поради негова наводна асистенција при обезбедувањето на двотретинското мнозинство за уставните измени, исто така се најде во серијалот имиња што вчера ги набројуваше обвинетиот Нинџа. Тој ги спомна и Трајко Вељаноски, долгогодишниот претседател на парламентот, па Борис Јосифовски, актуелен шеф на кабинетот на претседателот Ѓорге Иванов, Миле Јанакиески и Кирил Божиновски, за кои ова раководство на ВМРО-ДПМНЕ бара да бидат ослободени од притвор за случајот на СЈО „Титаник“…

Главно станува збор за личности кои беа дел од најтесното партиско раководство во времето на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а кои не влегоа во партиските тела по доаѓањето на Христијан Мицкоски на чело на опозицијата, иако некои од нив до скоро биле вклучени во партиските активности и креирањето на политиките. Од ВМРО-ДПМНЕ до вчера доцна попладне не се огласија во врска со најновото сведочење за настаните на 27 април преку кое партиската централа е прикажана како седиште на параполициски структури.

Шокантното сведочење за тоа како функционирала ВМРО-ДПМНЕ во периодот кога беше сè уште главна владејачка партија во земјава доаѓа во период кога новото партиско раководство заокружува една година од промената на кормилото. Христијан Мицкоски беше единствен кандидат за наследник на Никола Груевски на вонредниот конгрес во Валандово, кој се одржа во атмосфера што навести внатрепартиски расцеп. До смената на кормилото, всушност, дојде непосредно по приведувањата за крвавиот четврток, кога Груевски најави оставка по средба со премиерот Зоран Заев во претседателската резиденција на Ѓорге Иванов.

Пред десетина дена ВМРО-ДПМНЕ го одржа првиот од серијата протести што ги најави пред Владата, посветувајќи го на годишнината од приведувањата за настаните на 27 април, што според Мицкоски, е „најцрниот и најмонструозно конструиран процес во кој пратеници, заедно со уметници, актери, режисери и оперски пејачи се апсеа и приведуваа за измислен тероризам“.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе трпи последици сè додека актуелното партиско раководство не се дистанцира од лошите потези и штетните политики на претходното раководство. Партијата нема да може да излезе од сенките на минатото и да се прикаже како демократски и конструктивен политички фактор сè додека не се вклучи во расчистувањето на тие штетни политики и во нивно санкционирање – вели политичкиот аналитичар Алберт Муслиу.

Тој вчера беше исто така спомнат во сведочењето на Василевски, но како еден од четворицата што биле следени од Петтата управа и на кои им биле поставени камери во домовите. Во овој контекст, беа посочени и актуелниот премиер и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и Зоран Верушевски. Сепак, името на Муслиу е најголемо изненадување. Тој вели дека и самиот е изненаден од тоа што го слушнал. Додава и дека немал сознанија дека му се поставени камери во домот и дека не може ни да претпостави каде што се наоѓаат, со оглед на тоа што живее на релација Скопје – Гостивар: Сепак, најавува дека до крај ќе го истражи случајот и дека потоа планира да поднесе тужба.

Според неофицијални информации, последните сведочења за 27 април се рефлектираа и на т.н. процес на помирување, така што се одложува и презентацијата на нацрт-решението за закон за амнестија. Иако независната пратеничка Емилија Александрова завчера најави дека се очекува предлогот за амнестија да биде готов до денеска, последните информации од парламентот, во текот на вчерашниот ден, беа дека нацрт-верзијата на овој закон би требала да биде готова кон крајот на следната седмица. Од независната пратеничка група, која ја услови понатамошната поддршка на уставните измени со забрзување на помирувањето, вчера немаше коментар како сведочењето на Василевски ќе влијае на процесот. Претходно, дел од независните пратеници реагираа на притворот за Мијалков посочувајќи дека притворите што беа определени по бегството на Груевски не одат во прилог на помирувањето.

Пратеникот на СДСМ, Хари Локвенец, кој е во телото за помирување, пак, вели дека очекува процесот да биде заокружен, затоа што тој од старт бил поставен на принципиелни основи. Процесот на помирување, вели Локвенец, го почнавме врз основа на тоа дека по никоја цена нема да се дозволат решенија што би предизвикале дисторзија на правосудниот систем и дека ќе има одговорност за организаторите и директните учесници во насилствата во парламентот, а од последните сведочења се гледа дека нивото на одговорност е различно.

– Најодговорно тврдам дека овој процес се однесува единствено на 27 април. Притоа, би го истакнал позитивниот дух со кој независните пратеници влегоа во процесот, кој не е битен само за парламентот туку и за граѓаните – вели Локвенец.

Според него, ВМРО-ДПМНЕ зазема губитничка позиција со тоа што се исклучува од помирувањето. Наспроти телото за помирување кое подготвува т.н. селективна амнестија, ВМРО-ДПМНЕ предложи неодамна закон за целосна амнестија за настаните на 23 октомври. Опозициската партија реши и да не учествува во Координативното тело за помирување, а неодамна го забетонира и ставот „против“ уставните измени, како што и во септември  објави тивок бојкот на референдумот.

Александра М. Митевска

Извор: Независен

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e