Половина милион евра – толку тежеше набавката на 1.100-те палми. Дополнително, пари се издвојуваа за одржување на палмите во живот, за виткање во најлони, греење, туширање.
Неофицијално проценките покажуваат дека вкупната вредност на проектот вклучително со набавката достигнува околу еден милион евра. Набавката ја спроведе Јавното претпријатие Македонски шуми пред три години. Дел од палмите се засадија во Скопје, а дел во другите градови во земјава. Но, колку од нив ја преживеаја зимата?
Директорот на шуми, Жарко Караџоски, за телевизија 24 вели дека нивна обврска била само да ги набават, а за одржувањето треба да се грижат општините.
„Секако дека континуираните температури од минус 15 до минус 20 степени што беа зимоска се ризични, но преживувањето на пламите сепак зависи и од тоа како се одржувале во текот на зимата. Дали и колку од нив се исушиле сеуште е рано да се каже, ќе се знае на почетокот на следниот месец, оти минатата зима имаше случаи на исушени плами, кои потоа повторно поникнаа“ – изјави Жарко Караџоски.
Од Јавното претпријатие паркови и зеленило, велат дека во Скопје имаат засадено 138 палми. Директорот на Паркови и зеленило Душан Авировиќ, вели дека од утре на терен излегува стручен тим кој ќе направи анализа колку од палмите се здрави, а колку исушени.
„Специјални инженери утре ќе вршат контрола и преглед на палмите, за да се види колку од нив се здрави, а колку се исушиле. По завршените контроли ќе имаме точни податоци“ – вели Авировиќ.
А дел од граѓаните сметаат дека има поважни работи во земјава од садење на палми.
Првите палми беа засадени на кејот на реката Вардар пред пет години и беа во склоп на проектот на Градот Скопје, Градска плажа кој не заживеја, а палмите се дислоцираа кај Министерството за надворешни работи. Нивната набавка чинеше околу 15 илјади евра.
Извор: ТВ 24