Социјалдемократскиот сојуз на Македонија поднесе кривични пријави против Емил Димитриев, Никола Поповски, Никола Тодоров и Елизабета Канчевска Милевска поради прекршување на изборниот законик, објави денеска на пресконференција портпаролот на СДСМ Петре Шилегов.
– Во изборниот законик јасно е наведено дека функцијата пратеник е неспоива со функцијата министер, и дека од денот на верификација на мандатот за пратеник, функцијата министер им престанува по сила на закон, и во таквиот случај министерствата не остануваат без раководно место бидејќи нивното раководење го презема заменикот министер – додаде Шилегов.
Шилегов не даде јасни одговори на новинарските прашања дали се во тек преговори за обезбедување парламентарно мнозинство кусо одговарајќи дека „СДСМ работи на изнаоѓање ефикасни решенија, а граѓаните да не се грижат бидејќи ќе ги добијат промените за кои што гласаа“.
На прашање дали СДСМ ќе ја достави својата програма до претседателот на државата, портпаролот Шилегов посочи дека, никаде во законот и во уставот не постои услов мандатарот да достави програма за работа до претседателот затоа што програмата ја усвојува Собранието преку пратениците.