Протече таванот од новата зграда на Македонскиот народен театар во Скопје. Хаваријата се случила во фоајето под терасата што гледа кон Музејот на холокаустот, каде што врз теписонот е послан најлон. Најлони има на двете страни од фоајето покрај гардероберите, пишува САКАМДАКАЖАМ.МК.

Никогаш не се откри колку точно чинеше изградбата на Македонскиот народен театар. Според медиумите што објавуваат истражувачки стории кои се повикуваат на документи на Бирото за јавни набавки достапни за јавноста, МНТ почна со најава дека ќе чини 6 милиони евра, а достигнал сума од речиси 40 милиони евра.
Новиот МНТ почна да се гради во 2008 како реплика на стариот театар што се урнал од земјотресот во 1963 година. Беше пуштен во употреба во септември 2013 по многу договори и анкес-договори, како што тогаш објаснуваа од Министерството за култура, поради сложеноста на објектот. Дури и по првата премиера, следеа уште анекс-договори. На новинарски прашања министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска кажуваше оти е сѐ според законите, никогаш не откривајќи ја крајната цена на чинење на МНТ.
Синоќа во театарот бил виден и директорот Дејан Пројковски, но не се знае дали дошол поради хаваријата. Зградата имаше проблеми со поплавување на подрумските простории уште во текот на градбата, а со таванот имало генерален проблем со одводот на терасата.
На 14 февруари годинава, по повод Свети Трифун, театарот доби бифе за вработените што е сместено на вториот кат.
Синоќа салонот бил преполн поради популарноста на претставата. Во понеделникот таа доби и Златна буба мара на популарноста.