Сашо Орданоски: Изгубени во преводот

Некни се враќа син ми од училиште и го прашувам како помина на тестот по математика? „Стари, тестот помина перфектно! Од три задачи решив две, од кои мислам дека едната ми е точна! Значи, три-плус загарантирано, а со малку преговарање можеби и четири-минус!“… Хмммм.

Си молчам и си гледам во таван, бидејќи што и да кажам ќе бидам обвинет дека сум „стара школа“, дека сум „тапа“ за виша математика и дека ништо не разбирам од модерните образовни вредности!

Е така, отприлика, изгледаат и преговорите на македонските партии со Али Ахмети: добиваш платформа со десетина точки, разгледуваш шест-седум, за четири преговараш, за две мислиш дека си се договорил, а потоа платформата се менува и половина точки се забораваат за да бидат заменети со две-три нови – составување влада загарантирано, ако не овој вторник, идниот четврток сигурно, можеби оваа година, а можеби и следната!
По два-три месеци дрндање, давење и гушење, јавноста сега е информирана дека главните точки од платформата се, всушност, веќе дискутирани, анализирани, формулирани и официјално прифатени од владата на Груевски уште пред неколку години, во официјална владина постапка, документирана тројазично (македонски, албански и англиски, фала на прашање) и со печат и штембил од Груевски! А се потроши огромна хистерична пропагандна енергија да нѐ убедат дека „албанската платформа“ е производ на мешањето во внатрешните работи на Македонија од страна на злобната „големоалбанска“ Тирана и на другите западни непријатели на земјава и домашните предавници во неа, со цел да нѐ федерализираат, да нѐ кантонизираат и, на крајот, белки, да нѐ карамелизираат.

Али одлучува!

Во центарот на целата оваа преговарачка пародија се наоѓа човекот Али Ахмети кој во своите раце ја држи судбината на Албанците и Македонците во Македонија, на ДУИ, на демократијата во земјата, на регионалната стабилност, на источните и западните интереси на југот од Европа, на глобалниот мир и на судбината на НАТО и на ЕУ – еден човек, еден Али, од него и од партискиот статут на ДУИ зависиме сите, бидејќи во тој партиски акт стои дека тој решава за сѐ! На другите им е лесно, тие ја имаат само слободата да дебатираат, ама Али е тој кој одлучува!

Кај и да е, очекувам Трамп да го побара Али на телефон и да го праша како му успева на Али во Македонија тоа што ни на Трамп не му оди лесно во Америка, бидејќи Трамп владее со „фрлање молотови коктели“ (Економист) на Твитер, а Али само си седи во Мала Речица, пуши таму и јаде локум, додека сите му се редат на визити и се лигават со молби да реши во нивна корист. Али е како Принцот од Пепелашка, чека да види на чија нога ќе се фати „чевличката“ од неговите барања, за со таа „снашка“ да влезе во нов брак од интерес за него. Штосот е што големината на таа „чевличка“ постојано се менува, во зависност од денот и соговорникот.

Веќе „албанската платформа“ не е ни толку важна (ако некогаш, воопшто, и била): сега Али бара од надежните партнери во следната влада да направат концесии за локалните избори и да му гарантираат избор на неговите кандидати за градоначалници во општините што тој ќе ги одбере; бара бизнисите што ги развил со Муса Џафери да бидат заштитени, за да може приходите несметано да си доаѓаат и понатаму; бара СЈО да не го чепка него и (некои од) неговите, бидејќи правната држава мора да продолжи да биде еден голем виц; бара право на вето за некои персонални кадровски решенија; бара Бујар Османи пак да биде министер за здравство; бара писмени гаранции и усмени метании, дарови и понадици, небаре потенцијалниве „снашки“ што му се редат таму се како библиската Принцеза од Саба која на посета кај малоречанскиот Соломон треба да дојде „со камили натоварени со зачини и со многу злато и драги камења“ какви што Али-Соломон до тогаш не беше видел! Ви велам, Али во политиката е како Трамп, има флексибилна идеологија, но фиксни интереси, кои мораат да се исполнат, за да му се задоволи вкусот.

ДУИ ќе се распадне

Трпението на сите ни е при крај. Конфузијата расте правопропорционално со тоа колку повеќе дебатни емисии и прес-конференции ќе одгледате и колку повеќе колумни ќе прочитате. Мислам дека тоа е и смислата на постапките на Ахмети. Состојбата треба да стане толку очајна, што и најглупавите решенија треба да ни се сторат прифатливи. Заветот на Али кон Фамилијата се исполнува, времето ефикасно „се убива“, договорот е сите процеси да се закочат, Уставот да се растегнува како свадбарска армоника за сите реални и имагинарни рокови да се пробијат, сите принципи да се релативизираат и да станат предмет на пропагандни толкувања.
Но, на тој начин, полека и неизбежно се приближуваме до точката во која ДУИ ќе се распадне, на очиглед на сите.

Тој распад ќе биде или со формирање на нова влада, предводена од СДСМ, што Али нема да може да го спречи; или со одење на нови избори, барани од ДПМНЕ, со коишто многумина во ДУИ не се согласуваат, бидејќи ќе нема кој да ги гласа. Така ми мириса дека ќе заврши оваа драмолетка, бидејќи Али не е во состојба да донесе одлука, од причини само нему (и, можеби, на Мијалков) познати.

Али Ахмети за ДУИ навистина ќе биде како да е главниот лик од приказната за Соломон, после чија животна демисија империјата се распадна во крвави дворски игри и конспирации, и никогаш повеќе јудејското и израелското кралство не се споија. Можеби е тоа и најлогичната политичка судбина за најголемиот губитник на последните избори во Македонија. А не е дека ова на Али не му е објаснето. Ама пуста мака…

Колумна на Сашо Ордановски објавено во Слободен печат

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e