Полнолетните Македонци нема да можат да се запишат во избирачкиот список, да влегуваат во кафеани и да бидат послужувани со алакохол, да се женат и мажат и да протестираат, да влегуваат во предбрачни сексуални односи, ако не знаат албански, српскохрватскобошњачкоцрногорски и англиски јазик! И македонски, нормално, но не на нивото што го слушам во моронските емисии за слушање на гласот на народот и во таканареченото собрание, не како нивото на Никола Груевски, зашто тоа што излегува од неговата уста не е македонски или е некоја крајно примитивна варијанта, туку како што зборувааат девојките во емисијата “Петар за појадок и пауза” или Арсим Зеколи, да речеме.
Кога јас ќе дојдам на власт!
Да, но ти никогаш нема да дојдеш на власт, ќе речат некои тврдокорни типови и ќе бидат во право, но, толку полошо по Македонците!
И по цена да пропадне Македонија мораме да се потрудиме од лилјакот што се плаши од светлото на знаењето и на припадноста на светот, да направиме нормален човек. Нешто сосема различно од флотантната маса што деновиве се влече како детски мрсул низ скопските улици, наивата, инфантилната итрост, лошо подзаскриената злоба од “Македонските народни приказни” излеани во реалниот живот! Различно од црвот кој ужива во топлината на локалните говна, во затвореноста на септичката јама и во расширениот шупак на сопствената нација што му виси над главата секогаш кога ќе го крене погледот угоре.
Мораме да излеземе од нивото на вмро-дпмне. Не да му се прилагодуваме. Не да му објаснуваме на Македнецот дека никој нема да го тера да учи албански јазик и да му го менува уставот, туку дека ќе го тера да учи и дека ќе му го смени уставот ако треба да го адаптира на некои промени што ги донел животот. Дека унитарниот карактер на државата е бесмислица ако држава нема или ако е згмечена, силувана, уништена, трудна со мртов плод. Респектирањето на чувствата на Македонецот само ја усложнуваат работата и водат во смрт. Обратно, мислам дека треба да му се удрат две-три, колку треба, шлаканици. Да се шокира. Само тоа е начин со него да се воспостави продуктивен дијалог.
Пред некој ден на фесбук напишав дека ниту една албанска платформа не може да ви го скрши вратот како вмровската! Суштината на албанската платформа е, односно може да биде, гипсен прстен околу вратот што веќе ви го скрши вмро!
Ова што го имаме денеска е резултат, не на абанската, туку на вмровската платформа и на отсуството на реакција на забрзаното умирање на нивната татковина под игото на вмро-дпмне на тие што денеска протестираат против двојазичноста!
Секое решение, му пишав деновиве на Н.Г. за предавање на власта што ќе го донесеш денеска е подобро од тоа што ќе го донесеш утре или од тоа што не би го донел никогаш. И за Македонија, но, еве, да ја оставиме Македонија- за тебе и за твојата чета! Во каков било развој на настаните, вклучително и во развојот во кој ќе ти се чини дека работите се одвиваат добро за тебе и за чипираните идиоти на вмро дпмне.
Викни десет дваесет, сто, колку треба-толку, политички, геополитички, воени и правни стручњаци, горе крај базенот, дај им креда и табла и тие ќе ти ја нацртаат шемата во која отидоа по ѓаволите и Мубарак и Морси и Али и Хусеин и Гадафи и Милошевиќ и многу други.
Во драматичните судбини на тие луѓе има една закономерност: режимите се раѓаат, растат и умираат заедно со своите лидери!
Не сум сигурен дека си во состојба да носиш рационални решенија. И во таа смисла моето обраќање може да се смета и како обична будалаштина, но, сепак, ќе ти кажам: единствената шанса да имаш во преостанатиот дел од животот нешто на што ќе можеш духовно и психолошки да се крепиш, дури и во некоја скопска или меѓународна зандана, е денеска, не утре, да речеш: од мене толку беше, извинете ако грешев, му посакувам многу успех на господинот Заев и на неговите партнери од албанскиот блок!
Каква дефакторизација, каква граѓанска војна!
Тој не ме послуша. Ги извади луѓето од нивните папучи и ги излеа низ улиците да протестираат против измислиците што тој им ги сервира за да си го спаси газот. Фактот дека има кој да одговори на неговиот повик за спас на Македонија, го дисквалификуваат Македонецот како што не го дисквалификувала ниту една окупација. Во позитивниот одговор на апелот на човекот кој им ја уништи државата, тој се дисквалификува не само како национално и политичко битие, туку, просто, и како човечко суштество.
Потоа дојде Могерини.
Могерини и Бејли, пишував на мојот ѕид, денеска го затворија меѓународниот санитарен кордон околу Злосторничкото здружување на ВМРО-ДПМНЕ. Процесот ќе продолжи следната недела на состаноците на министрите и на премиерите на земјите членки на Европската унија. Најбогатата партија во Европа ја загуби државата, инситуциите и вербата на слободните луѓе и остана со симпатијата на неколку стотини глумици и глумци, преплашени службеници и учителки и мали монструмчиња што маскирани во новинари регрутираат малолетници да плукаат вистински новинари (Јовановски).
Оставени им се неколку дена да одберат дали ќе дозволат мирен трансфер на власта преку преиначување на неуставната одлука на Иванов за недоделување на мандатот на Заев или трансферот ќе мора да се изврши со поинтензивна интервенција на меѓународниот фактор во распон од санкции кон првите луѓе на партијата до некои други уште повозбудливи модалитети.
Од друга страна реакцијата на руското министерство за надворешни работи покажува дека не се без основа стравувањата дека конфликтот во Македонија може да добие и одредени геополитички димензии. Но, јас мислам дека таа димензија веќе се покажува како позитивна за развојот на настаните во Македонија. Русија нема вредносен инструментариум со кој може посериозно да претендира во Македонија. Мислам дека тоа и не е нејзина амбиција. Нејзината амбиција се задгранични диверзии во просторот на западната цивилизација. Тоа соопштение е една таква диверзија. Како уривање на некој железнички мост во партизанските филмови. Од друга страна злосторничкото здружување добива не спас туку геополитичка дисквалификација. Тоа се разоткрива себе си како антизападен фактор и во политичка и во вредносна смисла. Запад тоа нема да го толерира, тоа е повеќе од јасно, а Русија нема, освен формално, да реагира на западните реакции што веќе се во тек.
Тоа е браќа и сестри мои!
Вие што сте тврдокорни појдете во некоја сауна или на некаков козметички третман.
Да омекнете малку.
Или бидете си тврди.
Губитници и штетници!
Гледајте да не случајно вашите деца научат албански.
Оти ако научат ќе ја намалат концентрацијата на глупоста во вашето семејно буре!
Не може да бидете и вмровци и Македонци!
Знам дека општото чувство е дијаметрално спротивно, но во тоа е проблемот, а не вистината за луѓето!
Не можете да имате и ВМРО и македонска држава!
Тоа е веќе поевидентно, хахаха!
Не можете да имате и ВМРО и демократија и правда!
Тоа е скроз јасно, така?!
Не можете да имате и ВМРО и да бидете слободни!
Послободни се затворениците во “Идризово”!
Разбудете се и ќе видите дека се што ви велам е чиста вистина!
Научете ги испрекршеностите на животот, системите на парадоксите, научете се дека ако се движите по права линија може да се случи да не завршите како правоверник, туку како самоубиец кој ќе наебе ако линијата завршува во некој ѕид или во некоја бездна!
(Колумна во “Слободен печат”)