Пратеникот Самка Ибраимовски како предлагач на законското решение за прогласување на застареност на долговите за сметки стари над десет години за в понеделник најавува заседавање на Законодавно-правната комисија на која на дневен ред ќе биде предлог-законот за измена на Законот за облигациони односи и утврдување на неговите одредби.
Предлогот кој долго време го очекуваат граѓаните кои имаат проблеми со исплаќањето на старите долгови е заглавен во собраниската процедура. Ибраимовски за 24 Вести вели дека досега тој не е донесен затоа што на барање на поратеници од владеачкото мнозинство се барало претпазливост бидејќи, како што вели тој, тоа би можело да значи финансиски упад во системот.
„Веројатно дека некого сум погодил со овој член од закон, сигурно има некој кој не сака да оди напред оваа работа, иако го изгласавме во првото собраниско читање, второ читање помина во Комисијата за политички систем, дојдовме до Законадавната комисија, таму согледувањата на некои од колегите од парламентарното мнозинство, рекоа дека ќе мора да направиме некои измени да не направиме финансиска проблематика во системот на државата. Финансиски упад во државата не можеме да направиме со луѓе кои веќе се во извршна постапка, и луѓе кои функционираат и без тие сретсва што ги имаат. Тој што е блокиран не може ни лево ни десно да иде“ – вели Ибраимоски.
Законот првично доби позитивно мислење од Владата. Граѓанското движење против бруталната наплата на долговите бара ова решение да има и ретроактивна дејност.