Сакате да ја федерализирате или да ја распарчите Македонија? Викајте “Чиста Македонија” и продолжете да ширите омраза

Ми тежи груткава со денови, ќе пробам да ја разбистрам и омекнам.

Сакате унитарна и стабилна Македонија?

Излегувајте на протести заедно со нашите браќа и сограѓани Албанци, Турци и сите други.

Сакате да ја федерализирате или да ја распарчите Македонија?

Викајте “Чиста Македонија” и продолжете да ширите омраза.

Прво, Везирот наметна етнички теми и страв во кампањата бидејќи прашањето на криминалот и заробените институции не му одговараше.

Второ, платформата излезе во деликатен момент, кога ни’ требаше обединување за градење правична држава. Можеби тоа беше инстинктивна реакција на раѓањето на заедништвото што го направи кризата и што се изрази и во изборите. Но, политиката е уметност на можното.

Трето, правењето Албанска платформа, може да провоцира одговор во вид на Македонска платформа. Со тоа некои веќе флертуваат. Но така губиме сите, ја ризикуваме нашата Македонија, бидејќи живееме во мултиетничко општество. Ни’ треба една заедничка платформа за сите, во рамките на Уставот, каде отворено ќе разговараме како да си ја наредиме за сите да бидат горди и почитувани, за сите да си ја чувствуваат Македонија за своја татковина. Знаете каде е главното место за такви разговори? Во Собранието, во институциите, во јавноста. Со експерти, со смиреност и со ладни глави.

Бранејќи ги или наседнувајќи на приказните за плашилата на тие кои ни’ ја узурпираа државата и си ја направија приватна прчија, внимавајте да не направите вистински рани во ткивото на нацијата. Многу лесно се прават, а многу тешко се лечат.

ПС. Мене ми е многу поважно дали мојот сограѓанин има совест и интегритет, отколку дали е Македонец, Албанец или Турчин. Кризата ни’ е етичка, не ни’ е етничка. Ако не си ја однесеме натаму сами.

ППС. Се обидувам да се убедам дека и тие за кои сум убеден дека грешат, мислат дека прават добро. Би било убаво ако тргнеме од претпоставката дека сите си ја сакаме Македонија. Полесно ќе ја градиме. Полесно ќе си простиме.

Никола Димитров

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e