„Постапувам за оваа пријава исто како што постапувам и за секоја друга“, вели за ДВ, обвинителката Вилма Рускоска во врска со обвинувањата од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера Антонијо Милошоски ме праша каква е понатаму процедурата со аудио-снимката што ја достави. Направив една паралела. Кога Јордан Камчев дојде да поднесе пријава, достави аудио и видео снимки, а при поднесувањето на записникот за кривичната пријава посочи и лица кои би можеле да посведочат за веродостојноста на тоа што тој го кажува. И додека се чекаше вештачењето на материјалите што ни ги достави, лицата што ги посочи беа повикувани да дадат исказ. Му сугерирав и на Милошоски – ако може да посочи сведоци, бидејќи така многу би се забрзала постапката“, вели обвинителката Рускоска.
„Најискрено ви кажувам, досега никој не ми се јавил за да влијае да постапувам вака или онака, или за да не постапувам“, тврди обвинителката во изјава за Дојче Веле.