Според еден од извештаите подготвен на почетокот на годинава за шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски, во последните 9 години Македонија е „под силна субверзивна пропаганда и разузнавачки активности спроведувани преку Амбасадата на Руската федерација“.
Ова е дел од истражувањето на новинарите на НОВА ТВ, а новинарката Сашка Цветковска вели дека до руските активности дошле истражувајќи друга тема.
„Ова истражување е последица на друго истражување. Ние веќе правевме истражување за кое баравме разни докази и факт да го поткрепиме нашето тврдење. Неколку месеци работевме на истражување за војната со информации во регионот.“, изјави Сашка Цветковска.
Истражувањето покажува дека Почетокот на руските активности во Македонија коинцидира со уназадувањето на македонските напори за приклучување кон НАТО во 2008 година кога Грција става вето поради долгогодишниот спор со името. Но во напорите за поддршка на анти-западните и про-руските националисти во Македонија улога имало и српското разузнавање.
Истражувањето покажува дека руските разузнавачки активности се спроведуваат од нивната амбасада во Скопје, набљудувани од станицата во Белград, како и преку четворица воени разузнавачи координирани преку Софија, Бугарија. Цветковска вели дека се работело за обид на менување на вољата на граѓаните.
„Македонските граѓани во консензус со сите парламентарни партии, своите заложби ги интерпретирале во фактор за стабилизација и асоцијација и кон договорот за пристапување на НАТО и има луѓе кои тие заложби да ги уништат на скриен и безобразен начин.“, изјави Сашка Цветковска.
Македонските министерства за надворешни и внатрешни работи засега молчат за ова истражување, иако неофицијално НОВА ТВ дознава дека се запознаени со деталите и дека службено се разгледуваат. Во Македонија инаку Русија беше поддржувач на политиките на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски.