„Проблемот е што содржините кои ги откриваат истражувачките новинари многу тешко доаѓаат во мејнстрим медиумите, бидејќи директно или индиректно тие се контролирани од владата. Истражувачките новинари се изложени на правни притисоци, но и на медиумски притисоци и се организираат медиумски хајки против нив. Пари за истражувачко новинарство има доста малку, а комерцијалните извори на приход се целосно оневозможени, вели новинарот од СКУП, Горан Левков.
Тој додава дека истражувачките новинари добиваат голема поддршка од публиката на интернет, но постојат и граѓани кои ги карактеризираат истражувачките новинари како странски платеници и предавници. „Со оглед на тоа колку оваа нација е неписмена и колку се потпира на телевизијата како главен извор на информации, затоа што им е тешко да читаат, не сакаат да читаат, веројатно веруваат дека ние сме непријателите“
Одмазда од власта преку медиумски хајки
Истражувачките новинари се соочуваат со голем број проблеми, како финансиска нестабилност, несоработка од страна на институциите, игнорирање на приказните од мејнстрим медиумите, но и закани и притисоци, кои сѐ почесто се одвиваат на јавната сцена.
Нова генерација истражувачки новинари и во Македонија
Иако генералната слика на новинарството во земјата која се наоѓа на 118-то место според слободата на медиумите на листата на „Репортери без граници“ е лоша, во последните години во Македонија се создаде генерација на новинари кои се занимаваат со истражувачко новинарство. Засега сликата е скромна, но многу значајна – БИРН Македонија, НОВА ТВ, СКУП-Македонија и понекогаш поединци од мејнстрим редакциите, создаваат истражувачки стории кои го враќаат фокусот на важните прашања во општеството. Наместо со сензација и непроверени информации, се фокусираат на квалитетно сработени истражувања базирани врз проверени и кредибилни факти и документи, за поблиску да ја донесат вистината до граѓаните.
Според Лефков, можностите на истражувачките новинари се лимитирани зошто немаат финансиски сретства.
„На Запад истражувачкото новинарство е составен дел од традиционалните медиуми. На Балканот мислам дека само во два бугарски и романски медиуми има оддели за истражувачко новинарство. Главен предизвик за работата на истражувачкото новинарство се притисоците што ги прави власта во различни форми. Една од формите е што финансиски ги убива критичките медиуми, по што истражувачките новинари остануваат без финансиски сретства и медиуми каде да ја објават сторијата“, вели Лефков.
Втора форма преку која се врши индиректен притисок врз истражувачките новинари е неспроведувањето на Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, смета тој.
„Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер скоро да не казнила ниту една институција или државен функционер кој не дал податоци. Таму има прекрасни професионалци кои одлично си ја знаат и вршат работата, но од Собранието се назначуваат партиски кадри како членови на Комисијата кои ја блокираат иницијативата на новинарите да дојдат до информации и документи кои ја засегаат власта“, додава Лефков.
Според него, најважни предуслови за развој на истражувачкото новинарство се слободни медиуми. „Кога ќе имаме слободни медиуми, ќе има борба на медиумскиот пазар за јавноста и тогаш сопствениците на медиумите ќе сфатат дека инвестирањето во истражувачкото новинарство и квалитетните стории се алатка преку која ќе ги развијат медиумите“, вели Лефков.