Принципот „победник со победник” при формирање на влада експлицитно не е наведен во мајскиот Договорот од 2007-та година. Алсат обезбеди примерок од нацрт -договорот со пет точки што пред 10 години го склучија ВМРО-ДПМНЕ на власт и ДУИ.
Во петтата точка од овој непотпишан документ се зборува за формирање на влада, но никаде не се споменува принципот на кој инсистираат двете партии – победниците на изборите во македонскиот и албанскиот блок да создадат влада.
Петта точка од Мајскиот Договор:
„Со враќањето на ДУИ во Собрание, партиите се договараат за продолжување на разговорите за начинот на формирање на влада.“
За принципот “победник со победник” од ДУИ доаѓаат контрадикторни ставови. Потпретседателот на партијата Невзат Бејта вели дека не е потребно да се исполни овој принцип кој не е преточен во закон, додека портпаролот Бујар Османи изјавува дека за земјата е многу важно да се почитува тој принцип, обвинувајќи ги медиумите дека вршат притисок тој да не се спроведе.
За потребата на почитување на овој принцип сега зборува и ВМРО-ДПМНЕ. Но, во 2007 година, поранешниот премиер, Никола Груевски, рече дека станува збор за записник кој нема тежина на документ.
Поради политичката криза по одлуката на ДУИ да ја бојкотира работата на Собранието, на крајот на 2006 година, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ формираа работни групи за нормализирање на ситуацијата. По околу 6 месеци преговори, беше постигнат Мајскиот Договор. Во првите две точки од документот страните се согласуваат за листата од 46 закони што треба да бидат донесени во согласност со Бадинтеровиот принцип и потребата од рекомпонирање на Комитетот за меѓуетнички односи во Собранието. Во третата и четвртата точка се зборува за носење на закон за официјализирање на албанскиот јазик и решавање на статусот на ОНА, што и денес не е затворено прашање.
Извор: Алсат