Продолжува борбата на кандидатите за претседател на Кривичниот суд

Учество на меѓународна конференција за судии и недобивање на согласност од тогашниот претседателот на Кривичниот суд, Владимир Панчевски, е причината за сослушувањето на судијата Иван Џолев пред Советот за факти и утврдување на одговорност на судија.  – објави 24 Вести.
Панчевски бара Советот да утврди дали треба да биде поведена постапка за Џолев пред Судскиот совет, додека пак Џолев тврди дека уредно го известил Панчевски за неговото отсуство. Џолев бил запишан како дежурен судија за прекршочни предмети во периодот на конференцијата, но доставил известување дека ќе отсуствува од работа и навел и негова замена. Распоредот предвидува судиите да можат да се заменуваат меѓусебно, потенцираше Џолев пред тричлената Комисија на Советот за факти, а неговиот бранител побара Советот да ја отфрли оваа апсурдна иницијатива.
„Од барањето на поранешниот претседател произлегуваат некои намерни и тенденциозни, односно барања предизвикани од ниски побуди, што не му прилега на еден претседател на суд и што не се случило во историјата на судството и правораздавањето во Република Македонија“. – вели Стеван Павлески, адвокат.
Ова не е единствена постапка која двајцата ривали за првото столче во Кривичниот суд ја имаат поведено пред Советот. Покрај актуелната иницијатива, Џолев има поднесено две иницијативи за утврдување на одговорност на Панчевски – поради влијание врз судија и поради злоупотреба на веб-сајтот на Судот.
„Втората иницијатива се однесува на злоупотреба на веб-сајтот на Основниот суд Скопје 1, односно за повреда на честа и угледот на судија, каде што се дадени податоци, односно се објавени моето име и презиме целосно и веќе е подигната кривична пријава“. – вели судијата Иван Џолев.
Како постапува Советот, појасни претседателот Сашо Поцевски.
„Советот треба да одлучи дали ќе ја продолжи постапката понатаму, односно дали ќе се јави како барател за утврдување на одговорност на судијата пред Судскиот совет или ќе ја прекине постапката доколку смета дека судијата не направил таква повреда“. – веи Сашо Поцевски, претседател на Совет за факти и утврдување на одговорност на судија.
Изборот на претседател на Кривичниот суд беше одложен поради изборите. Се очекува Судскиот совет да ги дооцени кандидатите, да закаже седница и да избере кој од кандидатите Панчевски и Џолев ќе го води Кривичниот суд откако третиот кандидат Владимир Туфегџиќ ја повлече кандидатурата.
Извор: 24 Вести

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e