Во древното индиско дело „Панчатантра“ се опишива како едни сурови разбојници со лик на ѕверови го нападнале селото Буахна. Пљачкосувале, силувале, убиле и на крај го запалиле селото. Ниеден не оставиле жив. Молеле, плачеле, врискале жените и децата, но за тие бездушни суштества тоа било како задоволство. Успеале да се спасат само тие што биле надвор од селото. Кога вечерта се вратиле во селото, можеле да видат само чад, ужас и пустош. Сѐ било претворено во пепел.
Мудриот главатар на селото, Анбраха, останал без целата своја фамилија. Од тој ден нему често пред очите му се појавувал неговиот петгодишен син како вреска во оган. Поминале две години, кога една ноќ слушнал поинаков глас од синот: „Тато, отвори ја вратата, јас сум“. Но, Анбраха мислел дека тоа е само негов привид поради тешките трауми кои ги преживеал. Бил сигурен дека неговиот син не е жив. Детето викало со часови, но Анбраха не ја отворил вратата. Детето си заминало и никогаш повеќе не се вратило. Него, разбојниците го поштедиле за да им носи вода, а тој им избегал.
И нам, бездушни разбојници со лик на ѕвер со години нѐ пљачковисаа, нѐ осиромашија, нѐ иселуваа, нѐ малтретираа и затворија, а сега сакаат да ја запалат целата држава! Проблем ти била Платформата која самите без приговор ја прифатија. Таа ти била за државата многу поопасна од украдените милијарди! Многу поштетна од перењето на над шест милијарди евра! Многу полоша од создавање тотална беда кај милион луѓе! Многу пострашна од погазување на животот и достоинството на целото население! Многу потрагична од иселувањето на третината жители од државата! Од рекетите, од изнудите, од насилното преземање на бизнисите… А има сигурни докази дека Груевски целосно ја прифатил таа Платформа, но тој продолжува со лаги како што цело време функционира. Еден лидер од неговите коалициски партнери на шега ми вели – бевме спремни да прифатиме и со златни букви на зградата на Владата да се напише „Qeveria e RM” (Влада на РМ), само за да останеме на власт. Груевски за време на предизборната кампања молеше некој близок на Клинтон да го прими (оти беше сигурен дека таа победува), но по победата на Трамп веднаш „ја прочита“ неговата книга, ептен добра, која ни ја препорача и нам! Ама, за жал, никој во Белата куќа не „падна“ на преголемата импресираност на Груевски од книгата на нивниот шеф. Со помош на неговите лаги, и тогаш кога паѓавме во провалијата нам ни се причинуваше дека летаме високо. Сега веќе тоа е зад нас и тешко оди со тврдокорните сендвичи. Мал е бројот на тие во чии усти влегува сендвич а излегува омраза. Планирал граѓанска буна, ама граѓани има премалку па се преиначи во селска буна, но и селани има ептен малку, и сега не е ниту сељачка буна.
Платформа на раздорот
Но, ајде да видиме, по која платформа, Груевски, државата од лидер во регионот ја направи социјално очајна, економски стечајна, безбедносно ризична, а сега и животно опасна?! По која платформа ја враќаше омразата во државата?! По која платформа голем број невини луѓе се малтретирани, рекетирани, уништени, затворени, осудени, па и убиени?! По која платформа судството е претворено во верен чувар на мега-криминалците?! И конечно, по која платформа Груевски сега ја турка државата во конфликт?! Сега веќе и во НАТО нашата состојба се опишува како „своевиден СОС-сигнал испратен до меѓународната заедница дека бродот во Скопје тоне“ (Бојко Ноев).
Со неговите постапки и состојбата во државата е доведена блиску до експлозија. Тука веќе е јасно дека некој сака војна со цел да ја подели државата за да се загуби трагата на астрономските пари стекнати на нелегален и брутален начин. Двајца или тројца луѓе во државата се спремни тоа да го прават, освен ако организирано и заедно не ги спречиме. Бројни членови на ДПМНЕ, па дури и во челништвото на таа партија се против таквата опасна авантура, но не се осмелуваат да се спротистават. Ама тоа не ги амнестира од одговорност. Првенствено, тие самите треба да влезат кај нивниот шеф и да му кажат дека тој вака веќе не може да продолжи. Со тоа ќе дадат свој придонес за спас од неронизмот на нивниот лидер, но и ќе се стекнат со кредибилитет да бидат на чело на реформите на таа партија, кои сигурно дека брзо ќе се случат. Со молчење, само ќе тонат заедно со Груевски, а ќе сносат и лична одговорност. Оти е познато дека плашливците гледаат проблеми во секоја шанса, а храбрите гледат шанса во секој проблем. А ДПМНЕ е на сигурен пат да го закопа ВМРО.
Извесно е дека сега Груевски битката ја води првенствено поради внатрепартиско преживување, оти чувстува дека во партијата има големи несогласувања околу неговата погубна стратегија која нема ништо заедничко со одбраната на државата, туку на себеси и фамилијата. Тој ја загуби поддршката кај масата, а тоа настојува да го надомести со турбо-фолк шовинизам. Ги користи одделните луѓе од културата, кои во секоја друга држава без исклучок би припаѓале на спротивната страна. Нивната уметничка душа не смее да биде на страната на криминалот освен ако не се инфектирале од него. Оти, при наши состојби вообичаено е совеста да ја продадете на црн пазар. Но, тогаш заедно со вашиот газда сте дел од екипата која ги сече главните носечки столбови на државата.
Што е целта на Путин?
Во постојните геостратегиски позиции, Русија нема никаков друг интерес во Македонија освен да создаде конфликт и по можност да се подели државата. Истото со години го прави и со БиХ. Со таквата поделба Русија веднаш би се испазарила со брзото западно признавање на анексираниот Крим и евентуалното авансирање на статусот на проруските региони во источна Украина – Доњецк, Љубанск итн. Тука Русија би добила укинување на санкциите и би се зачленила во ОЕЦД (Организација за економска соработка и развој) и во Меѓународната агенција за енергетика, кои се од витално значење за неа. Тогаш Русија би го признала и Косово, и тоа неколку пати го има кажано јавно.
Факт е дека од санкциите и големиот пад на цената на нафтата, живеачката во Русија драстично е падната. Оттука, држи анализата на Фјадор Лукјанов, главен уредник на познатиот руски магазин „Русија во глобалната политка“, кој вели дека „погрешно е дека токму сега кога Русија има свои големи проблеми, ќе тргне кон Балканот. Тоа што сега евентуално Русија би можела да го прави таму може да биде само во полза на решавањето на своите горливи проблеми“. Дури и Србија не бара таква помош од Русија. Преобразенииот Вук Драшковиќ вели дека спасот на Балканот не е Русија туку неговата европеизација.
Водството на ДПМНЕ веднаш треба да го ампутира Груевски
Рационалните луѓе од ДПМНЕ треба да избираат меѓу нормалното и хаотичното, доброто и злото, мирот и конфликтот. Нивниот сегашен лидер целосно им ја уништува партија и прави невидена штета на државата. Сѐ со цел да се спаси криминалот. Ги уништува коалициските капацитети со Албанците. Ги уништува односите со најголемиот соседски пазар (Трифун Костовски). А Албанија веќе подготвува крак од гасоводот ТАП за својот сосед Македонија.
Тука сите кои имаат морал и вера траба да помогнат за да се спасиме од најлошото. За жал, видовме верски претставници кои повеќе се крстат пред овдешни лажни богови отколку пред вистинскиот Бог.
Детето е вратено и вика пред вратата. Да му ја отвориме вратата. Не е фантазија.
Фејсбук статус на Мерсел Биљали