Високи стапки на економски раст од 6% до 8%, двојно поголем доход по жител за 10 години, изградба на автопати, железници, електроцентрали, влез во ЕУ и НАТО… Ова беа клучните цели што си ги постави владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ уште во 2006 година кога ја презеде власта, но анализата на политичките програми на оваа партија во последните десет години, за четири парламентарни изборни циклуси, покажува големи разлики меѓу предизборните ветувања и постизборната реалност.
Има партијата да наброи повеќе проекти што им ги вети на граѓаните и ги оствари, меѓутоа, клучните реформи со коишто земјата требаше да направи поголем исчекор напред, пропаднаа.
„Оваа програма има една единствена цел – преродба на Македонија“, напиша лидерот на партијата, Никола Груевски, во воведот на предизборната програма на 116 страници „Преродба во 100 чекори“ за парламентарните избори во 2006 година.
„Наши врвни приоритети се брз економски напредок и развој, унапредување на земјоделството, образованието, здравството, консолидација на државните институции, уредување на односите во политичката сфера со засилено начело на јавна одговорност, одвојување на политичката компонента од јавната администрација“, пишува на првите страници од програмата.
„Кец во ракавот“ на ВМРО – ДПМНЕ во оваа, а и во следните три програми за парламентарните избори, како основа за преродба на земјата беа економските реформи.
„Ќе оствариме стапка на раст на БДП од 6% до 8% годишно, базиран врз примена на современи технологии во економијата, зголемена продуктивност и конкурентност, инвестиции во образованието и информатичката технологија. Погледнете ги примерите на Естонија, Летонија, Литванија, Ирска, Кина, па и Романија и Бугарија во последниве неколку години. Ние ви нудиме програма за економски пресврт. Сакаме двојно повисок доход по жител за 10-12 години. Ние не сакаме да чекаме 70 години. Секој од нас има еден живот и сакаме да го живееме сега, достојно и богато“, пишува во Преродбата во 100 чекори од 2006 година.
Владејачката партија ВМРО – ДПМНЕ има бројни проекти со кои може да се пофали дека ги оствари за десет години владеење, но анализата на БИРН на изборните програми покажува дека најголемите чекори што требаше да направат преродба, партијата не ги направи
Но, наспроти ветените стапки на економски раст од 6% до 8% и дуплирање на доходот по жител, порастот на бруто домашниот производ (БДП) единствено во 2007 година достигна 6,5%. Просечниот раст во овие десет години е само 3,1%, а вината за потфрлувањето властите ѝ ја припишаа на глобалната економска криза, а во последно време и на внатрешно политичката криза. БДП по жител од 3.360 долари во 2006 година, се зголеми на 4.870 долари лани, што е раст од речиси 45%, но далеку од ветеното дуплирање.
Подоцна во предизборните програми во 2008, 2011 и 2014 година партијата ги ревидираше своите очекувања, но сепак како императив остана амбициозната проценка за економски раст меѓу 6% и 7%, што не е постигната.
Сепак, економистите коментираат дека и доколку се исклучи ефектот од глобалната економска криза, Македонија можеше да оствари повисок економски раст со продуктивни јавни инвестиции во изградба на автопати, железници, електроцентрали, гасовод.
Со други зборови, тоа значеше дека во услови на криза стратегијата на раст не може да се базира на извоз туку мораше да се бараат други извори на раст, коментира универзитетскиот професор Марјан Петрески.
„Владата премина на стратегија на поддршка на градежништвото како контратежа на кризата, меѓутоа во веројатно погрешни градежни проекти“, истакна Петрески.
Сепак, власта на ВМРО ДПМНЕ не успеа да ги преструктуира јавните расходи од државната каса со зголемени капитални инвестиции до 5% од БДП како што вети. За оваа намена најмногу пари се потрошија во 2008 година, и тоа 326,2 милиони евра или 4,8% од БДП.
Во следните години капиталните инвестиции не надминаа 3,3% од БДП, а крупните инфраструкурни проекти за коишто треба повеќе години да се реализираат и ќе направеа разлика на подолг рок, останаа нереализирани.
Наместо во патната, железничката и енергетската инфраструктура што ја ветија, властите од 2010 година до лани се фокусираа на помалку продуктивни проекти. На пример, 667 милиони евра инвестираа во проектот Скопје 2014 што е 40% од парите за капитални објекти од 2010 година до денес.
Меѓу грандиозните проекти во инфраструктурата што ги вети ВМРО – ДПМНЕ, а не ги оствари, се изградба на автопатот од Коридорот 8 којшто ја поврзува земјата со Албанија и Бугарија, модернизација и надградба на железничката инфраструктура на Коридорот 8 од која почна изградбата само на делницата Куманово – Бељаковце.
Оваа партија вети и завршување на изградбата на ХС Злетовица со систем за наводнување и 6 хидроцентрали; модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино во електрана што ќе произведува струја од природен гас; изградба на уште една комбинирана термоелектрана – топлана Енергетика во кругот на поранешна Железара која ќе користи природен гас како погонско гориво со инвестиција процената на 120 милиони евра.
Целиот текст прочитајте го тука
Извор: Призма