“Второотворената истрага, која се води под името „Триста“ опфаќа дејствие на извршување на едно кривично дело – Злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 став 5 в.в. став 1 од Кривичниот законик, а постои основано сомнение дека е извршено од страна на помошник министер во Министерството за внатрешни работи, во врска со јавна набавка што се однесува за 300 возила.
Имено, од доказите произлегува основано сомнение дека осомничениот во временскиот период од 23.06.2008 г. до 03.05.2012 г., во Скопје, како службено лице-Помошник министер во МВР, овластен со решение од министерот за внатрешни работи да ги спроведува постапките за јавни набавки во министерството, со искористување на својата службена положба и овластувања, при вршење на јавни набавки, го оштетил буџетот на РМ за износ 27.894.555 денари или 453.570 евра.
Воедно, постои основано сомнение дека со незаконското повластување и доделување на договори за јавни набавки за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за економските оператори Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје прибавил противправна корист, иако понудите што ги дале овие економски оператори не биле утврдени како економски најповолни понуди, што било единствен критериум за доделување на договор за јавна набавка.
Од доказите произлегува дека осомничениот спротивно на членовите 2 и 162 од Законот за јавните набавки го прифатил предлогот за избор на најповолна понуда на комисијата за јавни набавки даден во Извештајот од спроведената постапка, иако од содржината на Извештајот од спроведената постапка на комисијата за јавни набавки со сигурност знаел кои се економски најповолните понуди, сепак ја донел одлуката за избор на „најповолна“ понуда и склучил договори со економските оператори и тоа:
– со Порше Македонија ДООЕЛ Скопје склучил договор на 02.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 107.713.800 денари за 30 возила од Лот 1, 40 возила од Лот 2 и 20 возила од Лот 3,
– со Колевски ДОО Скопје склучил договор на 02.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 21.448.800 денари за 20 возила од Лот 1,
– со Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје склучил договор на 02.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 36.178.202 денари за 5 возила од Лот 3 и 30 возила од Лот 2,
– со Ка-Дис ДОО Скопје склучил договор на 03.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 68.561.400 денари за 60 возила од Лот 2,
– со Аутомакедонија АД Скопје склучил договор на 03.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 7.182.620 денари за 5 возила од Лот 3,
– со Авто Куќа ДОО Скопје склучил договор на 06.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 33.813.497 денари за 20 возила од Лот 1 и 20 возила од Лот 2 и
– со Аутомобиле СК ДОО Скопје склучил договор на 08.10.2008 г. за купопродажба, сервисирање и одржување на патнички моторни возила за вкупен износ од 43.152.000 денари за 50 возила од Лот 1.
Заклучно со 03.05.2012 г. било исплатено вкупно 318.050.319 денари или 27.894.555 денари повеќе од збирот на економски најповолните понуди за трите лота што ги понудиле прворангираните економски оператори што изнесува вкупно 290.155.764 денари.
Доколку биле склучени договори со прворангираните економски оператори за секој од лотовите, што е и основата на Законот за јавни набавки, а не да се врши распоред по непостоечки критериуми, буџетот на Република Македонија ќе бил побогат за 27.894.555 денари или и 453.570 евра.
Суштината на наведеното е дека постои основано сомнение дека службеното лице од МВР злоупотребувајќи ја службената положба и овластувања доделувало договори за јавни набавки на економски оператори кои немале економски најповолни понуди, односно без да го почитува утврдениот критериум за доделување договори за јавни набавки.” – изјави обвинителката Фетаи.