Потврда на „црната“ статистика: Во Македонија годишно има 1.300 жртви од аерозагадувањето!

Скопје е меѓу најзагадените градови во Европа, особено ако се земат предвид концентрациите на ПМ 2,5 честичките, покажуваа најновата студија на финскиот Метеоролошки институт, која денеска на пленарна седница беше презентирана од македонскиот Институт за јавно здравје.

„Ако во најблиските градови Букурешт и Будимпешта годишно просечно има 30-40 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен, во Скопје има дури 70 микрограми ПМ 2,5 честички на метар кубен. Значи, речиси два пати повеќе од најблискиот европски град. Страшно се високи концентрациите на ПМ 2,5 честичките“, изјави Драган Ѓорѓев од Институтот за јавно здравје.

Анализата се однесува и на поврзаноста меѓу аерозагадувањето и здравјето на граѓан(к)ите.

„Најмногу луѓе умираат кога има најголемо загадување, а тоа е во зимскиот период. Во 30 до 35 отсто случаи аерозагадувањето било причина за смртност. Најчесто кај ранливите групи. Тоа се хронично болни и стари лица. Тоа се прилично високи бројки. Во другите држави тој процент е од 10 до 20 отсто. Повеќе од 1.300 животи годишно се губат поради аерозагадувањето. Овие бројки веќе сме ги кажале, но оваа студија ги потврди“, потенцираше Ѓорѓев.

Голем е товарот на оние болести кои се поврзани со аерозагадувањето: исхемичната болест на срцето, мозочниот удар и ракот на белите дробови. Трите болести кои можат да се поврзат со аерозагадување се водечки причини на смрт на подрачјето на Македонија, со што повторно земјава е една од „водечките“. Ова  уште еден поразителен податок кој произлегува од оваа студија.

„Централното парно греење е важно, бидејќи до 60-тите години од минатиот век, куќите се загреваа на дрва и на јаглен. Но, потоа беа изградени централи за парно греење кои сега ги затоплуваат сите домови. Сообраќајниот систем е исто така важен. Возниот парк во Финска беше еден од најстарите во споредба со земјите од ЕУ, меѓутоа со големата промена последните 30 години, се намалија емисиите на загадувачки честички од возилата“, изјави финскиот експерт Ото Ханинен.

Пленарната сесија се одржа на Медицинскиот факултет, во соработка со претставници на Институтот за здравје и благосостојба на Финска, а во рамки на Твининг-проектот за јакнење на капацитетите за ефективна имплементација на законодавството на ЕУ за квалитет на воздухот.

Извор: ЦИВИЛ Медиа

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e