Ги има многумина кои треба да се засрамат за она што требаше, а не го сторија за Тоше. Иако поминуваат десет години од неговата трагична смрт, неговото вечно почивалиште не е ни приближно на рамништето на неговата величина.
Бекатон плочките не ја издржуваат тежината на илјадниците посетители кои сè уште доаѓаат да му се поклонат на великанот. Тоне и земјата над гробот, која невешто ја покрива теписон со вештачка трева. Металната конструкција, од неколку квардатни метри, полека попушта пред често силниот ветер, кој струи ноз пластичниот плексиглас, со кој е обвиен овој мавзолеј.
Државата го заборавила, но неговите фанови не. Оние кои секојдневно доаѓаат да запалат свеќа на гробот на единствениот Тоше Проески, во еден глас велат – тој не заслужи ваков третман од земјата, на која и даде многу.
Владата на Никола Груевски ветуваше многу. Постхумно го прогласи за заслужен граѓанин, му изгради спомен куќа, ветуваше дека ќе му направи меморијален комплекс. Овој гроб требаше да биде од времен карактер, само една година. Направен беше и проект, кој до ден денес не се реализира.
Дознаваме дека семејството Проески побарало од владата да им го даде проектот, сами да си го изградат комплексот, но не наишле на разбирање. Им велеле дека државата ќе се погрижи за тоа. Сепак, еден телефонски разговор откри се. Покажа каква била грижата кон Тоше и неговото семејство.
Веднаш по објавувањето на овој разговор, пред повеќе од две години, за прв пат во јавноста се јави таткото на Тоше. За телевизија 24 побара јавноста да ги остави на мир.
Крушево денес живее со спомените за Тоше. Сè уште се прераскажуваат доживувања, средби и настани поврзани со него. Манастирот „Свето преображение“, чиј градител беше тој, уште се гради. Луѓе од сите страни доаѓаат и тука, поклонувајќи му се за добрината која ја беше собрал во себе. Но, додека намерниците доаѓаат, крушевчани заминуваат.
Време е државата да се сети на Проески, за да може неговот дело, неговиот спомен да живее децении после него. Време е стариот дрвен крст да биде заменет со пристојна спомен плоча на која илјадници почитувачи ќе му се поклонуваат на делото на еден од најдобрите вокали кои некогаш се појавиле тука – Тоше Проески.
Извор: 24 телевизија