Потпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски денеска излезе со нови обвинувања кон СДСМ за непотизам.
„Сеуште не се завршени истрагите за првиот бран на непотизам од пред една година од страна на Антикорупциската Комисија, а сега веќе имаме нови бранови на непотизам буквално во сите градови во Република Македонија. Нови вработувања, нови прераспределувања и нови унапредувања на блиски роднини и луѓе на функционерите од СДСМ на раководни позиции“, рече тој на прес-конференција.
Арсовски вели дека СДСМ свесни за како што вели падот на владата кој ги чека, побрзаа повторно да си ги згрижат и унапредат своите блиски.
„Како пример прв град ќе го земеме Штип. Штип сега станува град за пример на непотизам, каде што за да се вработиш или да добиеш раководна функција мора да си брат братучед или роднина на некој функционер. Штип стана дувло на непотизам каде што владеат 5 семејства со целиот град“, рече Арсовски кој порача дека „оваа епидемија на непотизам која со тек на време, изминатата година прерасна во чума низ целата држава мора да прекине“.