Македонските портали кои утринава паднаа, поради проблеми на провајдерот „Унет“, повторно проработеа околу 13 часот.
Генералниот менаџер на „Унет“, Анета Пешева за „Мета“ изјави дека во понеделник ќе излезат со детални информации за техничките причини поради кои настанале проблемите.
– Во текот на раните утрински часови македонскиот хостинг провајдер „Унет клауд“ имаше технички проблеми со главните телекомуникациски линкови. За причините кои го предизвикаа овој проблем ќе бидат известени нашите корисници, а ќе направиме се што е во наша моќ ваквите ситуации во иднина да бидат превенирани – се вели во официјалното соопштение на компанијата „Унет“.
Пристапот утринава беше оневозможен до веб-страниците на „фокус.мк“, „новатв.мк“, „либертас.мк“, „сдк.мк“, „локално.мк“, „плусинфо.мк“, „мкд.мк“ како и на електронските изданија на дневните весници „Утрински весник“, „Дневник“ и „Вечер“.
Директорот на „Унет“, Антони Пешев за „Мета“ категорично тврдеше дека не се работи за никаков хакерски напад туку за класичен технички проблем.