Само влада без ВМРО ДПМНЕ може да биде фактор за отстранување на причините за политичката криза. Но и влада во која на ДУИ ќе му биде одземен монополот во политичкото претставување на Албанците. А тоа подразбира вистинско редефинирање на Македонија од сегашниот статус на етничка федерација во која суверенитетот го имаат етничките заедници, во граѓанско општество во кое суверенитетот го имаат граѓаните и се развива како Едно општество на еднакви граѓани а не опстојува како поделено општество.
Тоа редефинирање кое почна со платформата на СДСМ и ставањето Албанци на своите пратенички листи, го поткопува монополот во политичкото претставување на Албанците од страна на ДУИ и тоа за Али Ахмети е во моментов најголемиот проблем со кој тој се соочува. Тој и оние што го подржуваат не ја сватија оваа промена по последниве избори и водат битка за зачувување на монополот во етничкото претставување и одржување на концептот на Македонија како етничка федерација кој му е најблизок на Груевски.
Груевски и Ахмети со концептот на Македонија како етничка федерација а не како едно општество на рамноправни граѓани ги продлабочија поделбите и доведоа до кризата на политичкото претставување.
Ако Ахмети од тоа не извлече подршка можно е неговата партија да исчезна од политичката сцена, но да дојде и до распаѓање на ВМРО ДПМНЕ.
Време е да излезат од кожурецот на етничките поделби и на своте изборни листи да поставуваат граѓани од сите етнички заедници за да бидат политички претставници на граѓаните а не самите да се редуцираат на еден вид племенски поглавици.
Ѓорѓи Спасов