Почнува судењето: Дали родилката во Гевгелија беше убиена?

Денеска во судот во Велес треба да почне судењето за смртта на родилката Маја Кадиева, за што се обвинети двајца гинеколози и еден анестезиолог. Првото рочиште кое беше закажано на 29 септември не почна и беше одложено за денеска 9 ноември. Сопругот на починатата, Мите Кадиев, очекува дека конечно ќе се соочи очи во очи со лекарите кои се обвинети за смртта на неговата 32 годишна сопруга и бебето.

„Очекувам да почне процесот и брзо да заврши. Се надевам дека нема да има опструкции од страна на обвинетите за да се одолговлекува судењето. Фактите се непобитни и очекувам дека судот професионално ќе си ја заврши работата и ќе донесе правилна пресуда базирана на наодите од  Судска медицина“, изјави за Фактор Мите Кадиев, сопругот на починатата родилка.

Тројцата лекари се обвинети за кривичното дело „Тешки дела против здравјето на луѓето“. На почетокот на истрагата беше осомничен уште еден анестезиолог кој учествувал во породувањето, но тој во меѓувреме почина.

Маја Кадиева и нејзиното бебе починаа ноќта меѓу 22 и 23 октомври минатата година во болницата во Гевгелија, при нестручно изведено породување, а истражните органи докажаа дека анестезиолозите биле пијани 1,23 промили, односно 1,75 промили алкохол во крвта за време на царскиот рез.

Смртта на Кадиева настанала поради комплетен прекин на доводот на кислород и задушување, поради што се задушило и бебето во утробата на мајката, покажа извештајот од судските вештаци.

Институтот за судска медицина по извршената обдукција утврди дека  детето живеело десет минути по породувањето и имало развиено органи за живот, а умрело како последица на недостатокот на кислородот додека било во утробата на мајката и влез на јаглерод диоксид во белите дробови на бебето.

Извор: Фактор

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

e